
Директорот на „Паркинзи на општина Центар“, Саша Богдановиќ, ги демантира наводите во текст објавен на „Нетпрес“, а кој е само преземен од порталот „Курир“, a притоа уредно е наведен изворот за содржината во него.
Во текстот со наслов „Порно актери, трансексуалци, луѓе од подземјето – кој се кампува пред Влада?“ се вели: „Порно актери, транссексуалци, членови на ЛГБТ заедницата, вработени во општинските администрации под контрола на СДСМ, директори на јавни претпријатија, луѓе од подземјето со кривични дела зад себе. Ова се луѓето кои што може да се забележат во и покрај шаторите на СДСМ пред Владата на Република Македонија. Многу алкохол, забави до утринските часови е сликата во кампот пред Владата, пишува порталот „Курир“.
Го објавуваме демантот на Богдановиќ:
На ден 21.05.2015 година во 14:07 минути на Вашиот интернет портал Нетпрес е објавен текст под наслов „ФОТО: Порно актери, транссексуалци, луѓе од подземјето –кој се кампува пред Влада?“, каде е назначено дека јас како директор на јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“ не се грижам за сообраќајниот метеж и дека тоа е основен проблем на Центар.
Таа информација не е вистинита бидејќи обврските во претпријатието ги завршувам секојдневно од 08:00-16:00 часот, кое е и воедно работното време на претпријатието. Останатиот период од денот е мое лично време и мојата одлука да го користам за протестирање пред Влада е легитимна.
Првата фотографија преземена од порталот Центарњуз е од 19.05.2015 година и како што може да се забележи фотографирана е вечерно време, кога беше во посета градоначалникот на Општина Центар.
Втората фотографија, преземена од мојот приватен фејсбук профил, е фотографирана утрото на 21.05.2015 година во 6:15 минути.