Заканата на Рама за блокада на Македонија во НАТО е неостварлива

Мали и пред сѐ само теоретски се шансите Албанија да ја блокира Македонија на патот кон НАТО. Вакви се оцените на повеќето домашни аналитичари по заканите на албанскиот премиер Еди Рама дека неговата земја ќе ставела вето врз приемот на Македонија во воениот сојуз ако не се почитувал Охридскиот рамковен договор, анализира „Нова Македонија“.

Рама изминатиов период повеќепати ги коментира политичките случувања во земјава, како и нападите во Куманово.

Истото го стори и на регионалната министерска средба во Тирана за борба против тероризмот.

– Многу е ризично кога се мешаат поимите. Поимот „тероризам“ и поимот „Албанци“ во Македонија се сплотија, и тоа е неприфатливо во време кога Албанците биле, се и ќе бидат важен државотворен фактор за Македонија. Тоа е обид тероризмот да добие етничка конотација, што е неприфатливо. Мора да ѝ биде јасно на Македонија дека Албанците остануваат конститутивен државен играч во земјата. Нема поопасно нешто што може да ни се случи во борбата против тероризмот од вклучувањето на поимот „терорист“ во справувањето со настаните. Македонија не може да стане членка на НАТО без гаранција на Охридскиот рамковен договор – изјави Рама на регионалната средба во Тирана.

Албанскиот премиер, пак, вчера на Фејсбук го поддржа барањето од Германија за „темелна и транспарентна истрага“, нагласувајќи дека правдата била камен-темелник на меѓуетничкиот соживот.

Ова не е првпат Рама да коментира случувања во Македонија. Слични изјави даде и по изрекувањето на пресудите за случајот „Монструм“ и по одржувањето на насилните протести во Скопје. И тогаш Рама оцени дека случувањата во Македонија се должеле на „неисполнетите обврски“ од рамковниот договор.

На самитот на НАТО во Велс, пак, албанскиот премиер оцени дека Македонија треба да биде членка на Алијансата, но дека претходно треба целосно да го спроведе рамковниот договор од Охрид.

– Сите треба заедно да работиме со поголем интензитет за да го отвориме патот за Македонија да биде членка на НАТО. Треба да се врши притисок врз двете страни за да се реши проблемот со името и треба да се бара од владата во Скопје да го почитува спроведувањето на Охридскиот договор – изјави премиерот на Албанија, која заедно со Хрватска се најмладите членки на НАТО од 2009 година.

Целиот текст прочитајте го на овој линк…