
Околу 20 илјади жители во западногерманскиот град Келн добија наредба да се евакуираат, откако властите открија 200 килограми тешка бомба од Втората светска војна, пренесува МИА.
Училиштата и детските градински во регионот се затворени, а десетици возила на брзата помош итно ги евакуираат жителите на домот за стари лица.
Бомбата беше откриена покрај мостот „Мулхајм“ над реката Рајна. Планирано е бомбата да биде деактивирана денеска попладне.
Локалните власти предупредија дека додека трае операцијата ќе биде стопиран сообраќајот преку реката, како и воздушниот сообраќај над областа.