
УСАИД и Хабитат Македонија денеска во Скопје го одбележаа заокружувањето на заедничкиот проект во поддршка на енергетската ефикасност во секторот домување со кој во изминатите четири години беа опфатени повеќе од 600 домаќинства, пренесува МИА.
На настанот се собраа чинители и корисници кои беа опфатени во рамки на проектот, за да ги одбележат достигнувањата како и наследството што го остава овој проект.
– Енергетската ефикасност е економско прашање, еколошко прашање и прашање на квалитет на живот. Затоа, прашањето на енергетска ефикасност повеќе години е еден од приоритетите на УСАИД и го адресираме тука во Македонија на различни начини. Во тек на последните четири години, нашиот проект за енергетска ефикасност во секторот домување помогна на семејствата кои живеат во колективни станбени објекти да создадат поудобен простор за живеење за себе и за нивните семејства, додека истовремено ја намалија потрошувачката на енергија во домовите и трошоците поврзани со тоа, рече Џејмс Стаин, директор на мисијата на УСАИД во Македонија.
Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија изјави дека дека во тек на имплементацијата на проектот беа развиени шест модели на финансирање, што сега претставува цврста база за понатамошен развој на пазарот во делот на енергетска ефикасност.
– Проектот беше и комплексна иницијатива која покри многу аспекти од енергетската ефикасност, но главната придобивка од овој проект е револвинг фондот, кој останува достапен за граѓаните и во иднина, рече Костов.
Проектот за економска ефикасност се имплементира од Хабитат Македонија и им помага на семејствата кои живеат во колективни станбени згради да ја намалат потрошувачката на енергија и со тоа да ја намалат висината на сметките. До денес, во рамки на проектот реализирани се енергетски ефикасни реновирања на 37 колективни станбени згради во девет општини, поддржувајќи повеќе од 600 домаќинства. Проектот, исто така, придонесе кон зголемување на капацитетите и помогна да се подигне свеста за енергетската ефикасност во секторот домување, посочуваат од Хабитат Македонија.