Пешевски: Однесувањето на опозицијата ќе има долгорочни негативни ефекти врз економијата

Актуелната политичка криза не може да биде позитивна за економијата, а нејзините ефекти ќе бидат краткорочни и долгорочни. Краткорочните не беа толку драматични, но, долгото траење и големото експонирање на Македонија во негативен контекст и кај домашните и кај странските инвеститори неминовно ќе донесе долгорочни негативни ефекти.

Ова го истакна вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски од собраниската седница за време на пратеничките прашања.

– Ова што го прави опозицијата, дури и утре да се надмине и да се најде целосно решение, негативните ефекти ќе се одразуваат со години. Веќе почнуваме кај определени инвеститори од странство да гледаме сигнали за одложување на своите инвестициони одлуки за Македонија. Оние кои што донеле одлука за почеток на градба сакаат да почекаат еден-два месеци. Тоа се само компании кои што веќе имале доверба во Македонија кои донеле одлука да инвестираат во Македонија но сега гледајќи што се случува ги преиспитуваат своите ставови. Но уште поголема е штетата со компаниите со кои што сме во фаза на преговори. Списокот со компании со кои сме во напредна фаза на разговори е над сто и голем дел од нив очекувавме да донесат позитивна одлука…Сето тоа е загрозено и успорено, вели Пешевски на пратеничко прашање од Ѓорге Коџобашија.

Според него, со однесувањето на опозицијата се нанесува ненадоместлива штета која ќе продолжи да ја трпи Македонија со години бидејќи, вели враќањето на довербата е долг и макотрпен процес, а ефектите ќе бидат негативни, пред се за нејзините граѓани.

– Опозицијата мора да биде свесна дека со ова свое однесување, со создавање немир кај народот и бизнис заедницата и прави ненадоместлива штета на државата и дека ефектите ќе бидат негативни пред се за нејзините граѓани, во успорувањето на отворање нови работни места, во успорува на растот на економијата за којшто пред кризата речиси сите светски финансиски институции се согласија дека ќе биде најголем во Европа. Сето тоа може да не врати сериозно назад и најголемата цена ќе ја плати македонскиот народ преку намалени плати, успорување на вработувањата и поспориот раст на животниот стандард, рече Пешевски.

Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими на денешната собраниска седница за пратенички прашања рече дека постои голема заинтересираност за проектот „Македонија вработува“ кај приватниот сектор и дека досега се вработени околу 1.060 лица.

Тој додаде дека со проектот се овозможува голем опфат на повеќе категории невработени граѓани, а самиот проект претставува надградување на мерката за вработување на млади лица до 29 години со ослободување од плаќање придонеси во траење од 12 месеци.

– Преку проектот Македонија вработува дневно речиси се вработуваат по 51 лица и најмногу вработувања има кај лицата до 29-годишна возраст како и кај лицата до 35 години. Досега со овој проект се вработени околу 1.060 лица по барање од страна на 892 фирми. Значи со сегашниот ефект од оваа мерка вработени се околу 1060 лица, рече Ибрахими на прашање од пратеничката Даниела Рангелова.

Тој информира дека претходно со мерката за вработување млади до 29 години било овозможено вработување на 7.712 лица и ја искористиле 4.229 компании од кои најголемиот број биле мали компании до 10 вработени (3.531 компанија).