
Италијанскиот стратег Карло Анчелоти, кој си замина од кормилото на Реал Мадрид, ја одби понудата на неговиот поранешен клуб Милан, да се врати на “Сан сиро” и да ги предводи “росонерите” во обидот да се вратат во врвот на италијанскиот и европскиот фудбал. Сепак, Анчелоти ќе мора да замине на операција и истакна дека му е потребен одмор.
“Благодарност до Милан што покажа интерес и упорност да ме врати на клупата. Тешко е на таков клуб, кој ви лежи при срце, да му кажете “не”, но овојпат сум приморан да го кажам токму тоа. Потребен ми е одмор, а на Милан му посакувам многу среќа”, изјави Карло Анчелоти.
Претседателот на Милан, Силвио Берлускони истакна дека доколку добие негативен одговор од Анчелоти, на клупата ќе го врати Роберто Донадони, една од легендите на клубот, кој во изминатата сезона беше на кормилото на Парма.