
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денес дадоа силна поддршка и искажаа голема благодарност до луѓето кои се дел од Чуварите на демократијата и кои кампуваат спроти македонското Собрание, објави „Курир“.
Тие заедно разговараа за владините мерки, особено за проектите и реформите кои се спроведуваат за младите луѓе.
Сите заедно испратија порака дека мора да се почитува волјата на граѓаните искажана преку фер и демократски избори и дека демократијата треба да се чува од оние кои сакаат да создадат вештачки политички кризи непочитувајќи го законодавниот дом.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Благоја Деспотовски им се заблагодари на младите што ја сфатиле демократијата суштински.
-Демократијата подразбира почитување на парламентот и сите институции на државата. Сите треба да знаат дека избори се добиваат или губат, а политиката се води во парламентот. Сега следува финалето на Лигата на Европа каде ќе играат две врвни екипи на зелениот терен. Кој ќе изгуби пружа рака и продолжуваат да играат фудбал. Ние за жал во Македонија и покрај фер и демократски избори во 2014-та, ние победивме чесно, а нашите колеги не дојдоа. Тој што губи има право да се лути, но мора да си ја работи својата работа и да се подобрува. Само на тој начин нашата држава ќе напредува. Нашата држава може да напредува само ако се почитува парламентот и резултатите од изборите, истакна пратеникот.
Пратеничката Светлана Карапетрова од владејачката партија вели дека младите луѓе спроти Собрание ја штитат демократијата и го заштитуваат правото на глас на граѓанинот.
-За младите донесовме многу закони, низа мерки за вработување, сите мерки кои премиерот ги најави како добивање на таблети, намалена партиципација, бесплатни учебници, сето тоа е во интерес на младите да можеме да оспособиме една млада генерација, способна, која понатаму ќе биде движечка сила на нашата партија, но и на државата пред се. Младите треба да бидат движечката сила во нашата држава, рече пратеничката.
Овој камп, вели пратеникот Момчило Аврамовски испраќа јасна порака до сите.
-Даваат поддршка на она што дава резултати, даваат поддршка на проекти и на сето она што владата го реализира. Без никакви задкулисни игри, отворено. И тоа нас како пратеници најмногу ни значи, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.