
Околу 23.000 демонстранти се собраа денеска во Минхен во знак на протест против одржувањето на Самитот на шефови на држави или влади на Групата седум индустриски најразвиени држави, закажан за 7 и 8 јуни во баварскиот дворец Елмау, пренесува МИА.
Демонстрантите се собраа на повика на германските Зелени, јавува Фена.
Насобраните демонстранти носеа транспаренти „Запрете го договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и САД“, „Спасете ја климата“, „Победете ја сиромаштијата“ и други. Целта на протестот е да се чуе нивниот глас пред средбата на лидерите на Г-7.
Во Гармиш-Партенкирхен, град во близина на дворецот Елмау, околу 300 лица почнаа со поставување шатори, изјави портпаролот на здружението „Стоп Г-7“, што обединува синдикати, пацифистички и еколошки организации.
Демонстрантите во вторникот добија дозвола од суд за поставување на камп, со што беше укината претходната забрана од локалните власти.