
Премиерот Никола Груевски на својот Фејсбук профил информира дека денеска започнува исплатата на 100 процентното обесштетување на земјоделците и домаќинствата чиј имот и посев беше оштетен од невремето и разорните поплави во јануари и февруари годинава.
– Со цел да се излезе во пресрет на граѓаните кои претрпеа штети, како по своите посеви, така и по своите домаќинства, на крајот од март од Штип ветив 100 отстотно обесштетување. Со ова е исполнето уште едно наше ветување до граѓаните, напиша премиерот.
Тој додаде дека исплатите почнуваат денеска за првите 120 земјоделски домаќинства од Општина Могила, која беше еден од најпогодените региони.
– Во наредните три недели ќе бидат исплатени во целост сите преостанати земјоделци и домаќинства од Могила, како и сите преостанати настрадани од погодените региони кои јавија и кај кои беше констатирана штета од невремето, за што се одвоени 12 милиони евра за нивна дирекна поддршка, информира премиерот Груевски.