Продолжение на 53-тата седница во Собранието

Собранието на Република Македонија денеска, во рамки на првото продолжение на 53. седница, ќе разгледа измени и дополнувања на повеќе закони од областа на образованието, финансиите, правдата, земјоделството и социјалната политика кои треба да се донесат по скратена постапка.

На дневен ред се измените на законите за договорен залог, за градежно земјиште, за високото образование и за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование, измените и дополнувањата на законите за стечај, за основното и за средното образование, за земјоделското земјиште, за вештачење, за заштита на културното наследство, како и дополнувањата на законите за здравственото осигурување, за агенциите за привремени вработувања, за процена, за бесплатна првна помош, за семејство, за социјална заштита и за Државното правобранителство.

Пред пратениците се и Предлог-законот за ратификација на Рамковната спогодба помеѓу Република Македонија застапувана од страна на Владата на Република Македонија и Европската комисија за постапките за спроведување на финансиската помош од Унијата за Република Македонија во рамките на спроведувањето на помошта според Инструментот за претпристапна помош (ИПА II), како и Предлог-законот за ратификација на Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на БиХ за размена и заемна заштита на класифицирани информации.

Собранието треба да ги разгледа и предлог-законите за задолжувања на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје и регионалната клиничка болница во Штип, како и кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје и регионалната клиничка болница во Штип, двата по скратена постапка.

На седницата е и Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2014 година.