
Кабинетот на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов побара извинување од телевизиската куќа Јуроњуз, поради начинот на именувањето на Македонија при промоцијата на нивното договорено интервју. Јуроњуз, која е дел од Европската дистрибутивна унија на јавните телевизии од Европа, преку социјалните мрежи, интервјуто почна да го промовира со барање до читателите да постават прашања до „претседателот на БЈРМ“, пренесе МИА.
Од Кабинетот информираа дека поради овој начин на именување, договореното интервју со Изабел Кумар од оваа телевизија е откажано. Интервјуто требало да се одржи за време на безбедносната конференција ГЛОБСЕК во Словачка, каде ќе учествува претседателот Иванов.
– Ве известуваме дека македонскиот претседател Иванов го откажува закажаното интервју за Вашиот медиум. Крајно неприфатлива е Вашата употреба на кратенката FYROM во ословувањето на нашата земја, Република Македонија. Длабоко жалиме што, и покрај покажаната добра волја за соработка од наша страна, не беше прифатено барањето за отстранување на кратенката FYROM при промоцијата на интервјуто на социјалните мрежи, и не беше уважено барањето да се придржувате до уставното име на нашата земја Република Македонија и до придавките изведени од уставното име на нашата земја – Република Македонија. Сметаме дека употребата на кратенката FYROM е директна навреда за граѓаните на Република Македонија. Таа кратенка, како што претходно ви укажавме, никаде не се употребува, вклучувајќи го и регистарот на Обединетите нации и ви посочивме дека FYROM не е име во ОН, туку референца која никогаш не се користи како кратенка, пишува во пораката упатена од Кабинетот на претседателот Иванов до Јуроњуз.
Интервјуто беше промовирано под насловот – „Ask FYROM president“, направен без согласност од македонската страна.