Варуфакис не е оптимист за договорот во Луксембург

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изјави синоќа во Париз дека не верува во постигнување договор за Грција на денешната средба на еврогрупата во Луксембург, објави МИА.

Тој ја даде изјавата по состанок со генералниот секретар на Органзиацијата за економска соработка и развој Анхел Гурија.

– Сега политичките лидери се тие кои треба да постигнат договор, изјави Варуфакис.

Грција треба да и врати на ММФ околу 1.5 милијарди евра до крајот на месецот, а нема доволно пари за да ја исполни таа обврска.

Тие сметаат на нова транша од 7,2 милијарди евра од ММФ и ЕУ, но меѓународните кредитори бараат за возврат реформи за кои засега двете страни не можат да постигнат договор.

– Владата беше избрана за да го заштити грчкиот народ со амбициозна програма за реформи. Се надевам дека институциите ќе ги земат предвид тие програми за реформи, објасни Варуфакис.