
Едномесечниот зелен картон ќе ни го олесни малку буџетот кога патуваме во странство. Но, што всушност ние знаеме за овој документ, освен дека е задолжителен кога се патува во странство? Зелените картони се еден вид проширување на важноста на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и ги покриваат евентуалните штети кои ќе се причинат на трети лица со управување на моторните возила при патување во странство односно во земјите членки на системот на зелена карта, пишува „Автомагазин“.
Она што треба да го знаеме е дека зелените картони се географски ограничени на Европа и Медитеранот и земјите кои гравитираат кон нив. Но не сите – овој систем опфаќа вкупно 47 земји: сите европски освен Косово, плус Израел, Иран, Тунис и Мароко. Тоа значи дека ако патувате, на пример, во Египет, ќе треба да платите посебно осигурување. Македонија со Косово има меѓусебен договор па за таму не сме оптоварени со дополнителни трошоци, но ако сте наумиле да возите низ другите делумно меѓународно признати земји или територии, како што се Транснистрија, Абхазија, Јужна Осетија, Нагорно Карабах, Северен Кипар, Палестина и Сахарска Арапска Демократска Република, тогаш ќе платите за осигурување за таму.
Истото ќе ви се случи и ако зелениот картон е погрешно или нецелосно пополнет, како на пример ако нема податоци за марката или регистарскиот број на возилото или истите не се совпаѓаат со оние од сообраќајната дозвола или полисата за осигурување од трети лица, ако му е изминат рокот на важење или пак тој не се совпаѓа со важењето на полисата, нема податоци (име и адреса, потпис и печат) за осигурувачот, ако е оштетен, скинат или од него не може да се утврди содржината, има прешкртувања, преправања на букви или броеви и слично. Во такви случаи пред патување во странство треба да се побара нов зелен картон, пишува „Автомагазин“.