
По неуспешните трансфер авантури на Адриано Галијани конечно стигнуваат добри вести за фановите на Милан.
Раководството на Милан имаше “готови” договори за Џофри Кондогбија и Џексон Мартинез, но и двата трансфери пропаднаа во последен момент откако Интер, односно Атлетико Мадрид победија во трката по овие двајца одлични фудбалери.
Сепак, според информациите кои утринава ги пренесоа угледните Gazzetta dello Sport и Corriere dello Sport, Милан излегол како победник во битката за Аксел Витсел, иако за него беа заинтересирани Челзи и Манчестер Јунајтед. Ако може да им се верува на италијанските медиуми, “росонерите” за него ќе платат околу 30 милиони евра.
Исто така, од Италија стигнуваат информации дека Галијани веќе е во Париз, каде пробува да го затвори договорот за Единсон Кавани, кој би требало да премине во Милан за сума од 50 милиони евра. Кавани не е баш најзадоволен од минутажата која ја добива во ПСЖ, а незадоволството се зголемило и по се почестите гласини дека “светците” ќе го откупат договорот на Александер Лаказет од Лион.
Како и да е, поучени од неуспешните трансфери на Кондогбија и Мартинез, фановите чекаат и официјална потврда на овие трансфери со што долго очекуваната реконструкција на Милан конечно може да започне.