
Владата на седница усвои План за нови реформи за европската интеграција фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата со конкретни мерки и рокови, носители на проекти и цели кои треба да се исполнат.
Ова денеска на својот Фејсбук профил го објави премиерот Никола Груевски.

– Дејствуваме за потребите и интересите на сите граѓани, за достигнување и унапредување на европските стандарди и почеток на заслужените преговори за членство во ЕУ. На вчерашната седница усвоивме План за нови реформи за европската интеграција. Покрај постоечките реформи кои континуирано ги спроведуваме, ова е нов обемен и амбициозен план за кој верувам дека ќе овозможи дополнителен напредок. План базиран на нашите разговори со ЕУ и препораките на европските институции и експерти, фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата. Прецизно, со конкретни мерки, рокови, носители на проекти и цели кои треба да се исполнат. Ангажман на цела Влада и ангажман на посебен тим на министри кои неделно ќе се среќаваат неколкупати со цел да ги подготвуваат и реализираат евро-реформите, напиша премиерот Груевски.
Македонија, посочува тој, има сила, местото на Македонија е во Европската Унија.