
Неколку села во областа Дњепорпетровск во Украина беа погодени од торнадо, јавува Раша тудеј.
Според локалното население, торнадото однело неколку покриви од куќи, дрвја, а риби од реката биле исфрлени наоколу. Населението додава дека тие никогаш во животот не виделе такво нешто.
Најпогодено е селото Волоское во близина на Дњепорпетровск. Торнадото престанало за 15-тина минути, а населението останало во целосен шок. Локалното население вели дека таков временски феномен имаат видено само на телевизија, во емисии за Америка.

Околу 30 куќи се многу оштетени, а покривот на една куќа бил најден цели шест километри подалеку од неа. Во торнадото од искршено стакло бил повреден еден повозрасен човек.
Торнадото откорна градби, но нанесе штета и на гасоводната мрежа.
Областа била погодена од истиот циклон што предизвика големо невреме во јужна Русија минатата недела, а беше погоден и олимпискиот град Сочи. Градот каде минатата година се одржаа зимските олимписки игри беше поплавен по неколкудневните поројни дождови.