
Меѓународната поетска манифестација „Празник на липите“ ќе се одржи утре со почеток во 10 часот во Друштвото на писателите на Македонија.
Во првиот дел на свечен начин ќе бидат врачени наградите „Книжевен жезол“ на македонскиот поет Иван Чаповски и поетот од Молдавија Николае Дабижа.
Наградите ќе ги врачи претседателот на ДПМ Веле Смилевски, а за творештвото на Чаповски и Дабижа ќе зборуваат Раде Силјан и Ефтим Клетников.
Манифестацијата ќе ја отвори претседателот на Организациониот одбор Владимир Мартиновски. На поетскиот митинг, во 12 часот, ќе настапат 28 поети со стихови посветени на Скопје. Поетската порака ќе ја испрати Зоран Пејковски, а програмата ќе ја води Александра Велинова. Манифестацијата „Празник на липите“ се одржува под покровителство на градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.