
Репрезентацијата на Аргентина е вториот финалист на “Копа Америка” откако ноќеска со убедливи 6:1 го совлада Парагвај во второто полуфинале.
Во финалето на 4 јули “гаучосите” ќе играат против домаќинот Чиле.
Аргентина во полуфиналето поведе со 2:0 со головите на Маркос Рохо во 15-та минута и на Хавиер Пасторе во 27-та минута. Парагвај во финишот на првиот дел намали преку Лукас Бариос (43-та минута). Натпреварот беше решен на стартот на второто полувреме со двата гола на Анхел Ди Марија (47 и 53-та минута), а триумфот само го потврдија во финишот Серхио Кун Агуеро (80-та минута) и Гонзало Игуаин (83-та минута).
Аргентинците досега имаат 14 титули во “Копа Америка” и се на чекор да се изедначат со Уругвај кој има 15.
Ден пред финалето во натпреварот за третото место ќе играат Парагвај и Перу.