
Документарниот филм за животот на соул дивата Нина Симоне, под наслов „What Happened, Miss Simone?“ чија премиера беше на Филмскиот фестивал „Санденс“ на почетокот на оваа година, досега е прикажан само во неколку одбрани кина.
Режисерот Лиз Гарбус на документарниот филм работеше десет години, а сега кога делото конечно го виде светлото на денот, предизвика многу бурни реакции поради детали кои ја откриваат и мрачната страна од животот на соул дивата.
Во филмот, на архивски и никогаш необјавени снимки, се појавува и самата легендарна пејачка, која почина во 2003 година на возраст од 70 години, а за неа зборуваат нејзини пријатели, соработници, па и членови на семејството, вклучувајќи ја и нејзината ќерка, Лиза Симоне Кели, која воедно е извршен продуцент на филмот.
– Филмот носи се она што би требало да биде речено и прикажано за животот на мојата мајка, на начинот на која и таа самата сакаше и онака како што сакаа да ја паметат. Мило ми е што светот конечно може да ја види вистинската страна, рече Лиза Симон во интервју за „Хуфингтон Пост“.