ФОТО: Во Крушево потпишан Еколошки шумски манифест

Вчера градскиот плоштад во Крушево беше исполнет до последно место. Обединети под бајракот на Илинденското востание, започна манифестацијата „Крушево етно – град“, каде беше потпишан првиот Еколошки шумски манифест.

Градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчески ги повика крушевчани и туристите масовно да се придружат во етно четите, преку костимирање во облеките кои ги носеа нашите претци, а исто така и да се гоштеваат во крушевските меани.

Во помош на востаниците им пристигна и Сузана Спасовска, која со  песна и оро го подигна моралот на револуционерите од туристичко Крушево.

Оваа година за прв пат идеологот на туристичкото востание војводата Ранко Петровиќ-Бубамара го прочита првиот „Еколошки шумски манифест“ против сечење на шумите во Крушево и Македонија. Неговиот говор предизвика воодушевување кај револуционерите и туристите кои масовно пристапија кон потпишување на Еколошки шумски манифест за заштита на шумското богатство. Познатиот војвода Ранко Бубамара рече: „Од вечерва горите македонски  силно нека пеат, нови песни, нови весници – Македонија слободна еколошки да живее. Да дише слободно Македонија. Во борба, во борба за екологија, македонски народе мој.“

ekoloshki-manifest-2

Еколошки шумски манифест 2015

Обзнанено на 25.јули  во Крушево, од страна на Eколошкиот војвода и идеолог на востанието Ранко Петровиќ -Бубамара.

Драги браќа сестри и наши мили комшии,добровечер и  добро дојдовте во историско  и убаво Крушево,

Со нашето туристичко востаниево изминативе 7 години Крушево се подготвуваше и успеа да   ги прими  туристите од сите краеви на светот,  да им го престави  славното Илинденско минато , да го почуствуваат родниот град на Тоше  и  да уживаме  во сенките на повеќе столетните  дрвја и  меани.

Но нашата борба продолжува понатака…

Во овие неиздржливо толпи денови, кога нашата Македонија е нападната и сардисана од незапамтени  азиско – африкански горештини ,ние  храбрите борци за поубав живот сме тука на ЛАДНО,  во највисокото градче на Балканот , горди и исправени, во  народна носија и  со народна песна,подготвени пред новата битка  против климатските промени , во нова борба , борба за чист воздух и зачувување на шумите во нашиот град,нашата  земја и на нашата единствена планета.

Драги мои,  кога веќе  успеавме да ја извојуваме најголемата победа против најголемите  проблеми во  Крушево, сега е време да  не дозволиме нашиот  град  да остане без својата природна убавина , без својата корија  ,без чистата планинска изворска вода ,без своите  шуми и рекреативни патеки.

Драги борци и славни јунаци , со оваа наша борба ќе успееме да го зачуваме и македонското музичко богатство  –  нама да  дозволиме песната слушам кај шумат шумите ,да ја изгуби вредноста , да отиде во заборав, да не дозволиме да се смени  текстот во слушам кај  сечат пилите, пилите – не го есапат  војводата…

А и какво време дојде, ќе испадне  –  ги исековме буките, за да садиме палми !

Па крушевската корија да се преименува во “Палма ди корија”.

Сите  ние   добро знаеме  дека во шумите околу Крушево има доволно дрва за огрев  на целото население , но не и за прекумерно сечење и за ефтино препродавање во соседните земји.

Затоа драги мои еколошки туристички јунаци  од вечерва ГОРИТЕ МАКЕДОНСКИ  силно нека пееат,нови песни, нови весници – Македонија слободна еколошки живее…

Да дише слободно Македонија!

Сите ние синови сме на нашата татаковина,на Илинденци сме наследници ,кроиме живот, иднина, слобода, за жени, деца, старци, младинци, затоа –ВО БОРБА, ВО БОРБА ЗА ЕКОЛОГИЈА МАКЕДОНСКИ НАРОДЕ МОЈ , за чист воздух ,за зелени шуми, за здрави деца и генерации и повисики плати и пониски камати   (за тоа сме тати мати)

А сега во име на сите дрвја на планетава земја ги поканувам  внуците и правнуците на Храбрите Партизани , Славните Илинденци , и на нашата музичка легенда Тоше Проески, Питу Гули,  Никола Карев, Нико Доага, Веле Марков  заедно со градоначалникот на градот Доктор Дамчевски и сите вас, да го потпишеме нашиот ЕКОЛОШКИ  ШУМСКИ  МАНИФЕСТ  со кој ќе испратиме абер од Крушево и сите други општини и китни села , да се престане со сечење на шумите  и заштита на шумското богатство од препродавање во странство.

Ве поканувам сите да го потпишеме еколошкиот манифест  и оваа иницијатива  да ја претопиме во правна одлука при советот на Општината, рече Ранко Петровиќ-Бубамара.

ekoloshki-manifest-3

Први потписници на првиот Еколошки шумски манифест се Ранко, Градоначалникот на Крушево, но и внуците на Тоше Проески, како и правнуците на познатите партизани и илинденци: Нико Доага, Веле Марков, Питу Гули и Никола Карев.

Зад еколошкиот шумски манифест со своите потписи застанаа и повеќе од 1 000 крушевчани кои само во текот на вчерашниот ден се потпишаа. На овој начин во пресрет на Илинден 2015, се испраќа апел до сите други општини и китни села во Македонија, да донесат одлука за забрана на неконтролирана и прекумерна  сеча на шумите во Македонија. Од „Крушево Етно-град“ ги покануваат сите граѓани, кои се сардисани и нападнати од големите и неподносливи горештини, да дојдат на свеж планински воздух и да се рекреираат со своите велосипеди или на друг начин да уживаат во историско Крушево. Во моментов во хотелот Монтана и приватните вили присуствуваат околу 500 гости од цела Европа, но големата е бројката и на домашни туристи.