
Нова современа и софистицирана клиника ќе се гради во Штип, која воедно ќе биде здравствена установа за повеќе од 200.000 граѓани во тој регион.
Министерот за здравство Никола Тодоров, денеска ја најави изградбата на новата штипска клиника, која ќе започне да се гради во средината на октомври 2015 година, а според прoценките ќе биде готова во средината на октомври 2017 година.

Квалитетот на еден здравствен систем првенствено зависи од квалитетот и знаењето на здравствените работници, квалитетот и софистицираноста на опремата, како и од квалитетот на здравствената инфраструктура. Денес сакам да го промовирам проектот за изградба на најсовремената, најмодерната и најквалитетната здравствена инфраструктура во Македонија. Реализацијата на овој проект ќе значи изградба на болница со карактеристики и функционалност какви што до сега не е изградена во Македонија. Изградбата на оваа клиника ќе постави стандард кој ќе треба да се достигне не само во Македонија, туку и пошироко во регионот, изјави министерот Тодоров.
Вчера од страна на Банката на Советот на Европа во официјалниот гласник на Европската Унија беше објавен тендерот за градба на Клиничката болница во Штип.

Станува збор за инвестиција од приближно 30 милиони евра.

Објектот ќе се гради на местото каде што во моментов се наоѓа штипската клиника и ќе претставува грандиозна високо енергетски ефикасна клиника на површина од 34.000 м2, која ќе има 17 амбуланти на 8 нивоа, поврзани со 14 лифтови.
