
Со мнозински систем на избори граѓаните ќе гласаат за личности, а со пропорционален (било една, било шест изборни единици) се гласа за партија… Ова го напиша на својот Фејсбук профил пратеникот Илија Димовски, кординатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Димовски по вчерашниот предлог на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за пропорционален изборен модел, односно Македонија да биде една изборна единица заедно со дијаспората, преку статус на Фејсбук го сподели со јавноста својот став во однос на ова прашање.
Со една изборна единица помалите градови нема да имаат адекватна застапеност
Димовски понатаму образложува кои се неговите ставови во однос на мнозинскиот систем и на гласањето во една изборна единица. Како што вели, кога би се гласало само во една изборна единица помалите градови нема да имаат адекватна застапеност.
Предноста на мнозинскиот систем е тоа што секој пратеник ќе знае и ќе се бори за својата изборна единица и за потребите на граѓаните во таа изборна единица (инфраструктура, инвестиции, економски развој, култура, социјални проблеми,…) со пропорционален систем еден пратеник ќе има гласови и во Пехчево и во Дебар и во Гевгелија и во Крива Паланка и нема да се знае чиј пратеник е и кого застапува… Лично сум против една изборна единица заради тоа што помалите градови нема да имаат адекватна застапеност, напиша Димовски во дополнителнителен коментар.
Дополнително, додава Димовски, при пропорционален систем со една изборна единица ќе имаме парламент во кој 2/3 од пратениците ќе се само од Скопје, средните градови наместо по 3 до 4 пратеници, ќе имаат 1 или максимум 2, а помалите нема да имаат свои пратеници.

Инаку, премиерот Никола Груевски вчера информира дека ВМРО-ДПМНЕ се залага за воведување класичен мнозински систем на гласање, бидејќи тогаш до израз доаѓа и личноста на пратеникот, не само партиската припадност.
Веќе долги години во Македонија имаме пропорционален систем со шест изборни единици. Од она што можам да го забележам тоа не прави никакви проблеми и системот е прилично добар. Ако веќе разговараме за промена на системот и ако сакаме да имаме некоја додадена вредност од оваа промена на системот, мислам дека воведувањето на мнозински систем на гласање е систем којшто може да биде нова додадена вредност. Ако се оди на промена, тогаш ставот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде да се воведе класичен мнозински систем. Тогаш до израз доаѓа и личноста на пратеникот, не само партиската припадност, туку и личноста на секој пратеник и сите други предности коишто ги носи овој систем коишто и многу аналитичари во државата го предлагаат, рече вчера премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање за предлогот на Заев за пропорционален изборен модел, односно Македонија да биде една изборна единица заедно со дијаспората.

Во однос на дијаспората Груевски нагласи дека клучно е таа да продолжи да има барем најмалку по еден пратеник од трите изборни единици. Како што рече, не е поентата само тие да гласаат и нивните гласови да се разлеат во многуте гласови во Македонија и тие да немаат свој пратеник.
Не е само прашањето дали ќе го задржат правото на глас, туку дали ќе имаат свој пратеник преку којшто ќе ги искажуваат своите ставови, предлози и проблеми. Тоа не смее да им се одземе. И ВМРО-ДПМНЕ ќе го застапува тој став и ќе се бориме тоа да остане. Одземањето на пратениците коишто ги делегира дијаспората преку политичките партии во Македонија е скратување на врските со дијаспората и е праќање на лош сигнал кон дијаспората која што многу и помага на Македонија во секој поглед, изјави премиерот Груевски.
Инаку вчера по изјавата на Заев, со свој коментар излезе и новинарот Васко Ефтов. Неговиот став околу ова прашање на следниот линк.