
Улица на два ката ќе се гради во центарот на Скопје. Станува збор за раскрсница на две нивоа што се предвидува да биде изградена кај Бит-пазар, односно меѓу Судска палата и ТЦ-Мавровка.
Како што пренесува Скопје инфо, за оваа улица на два ката, која воедно е и прва од ваков тип во Македонија, за годинава е предвидено да биде изработена проектната документација што ќе чини 3 милиони денари.
Изградбата на споменатата улица на два ката е влезена и во Предлог-програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на Скопје за 2015 година, а која на усвојување пред градските советници се најде на седницата одржана минатата среда.

Годинава Град Скопје планира да потроши нешто повеќе од една милијарда денари или 16,6 милиони евра во инфраструктурни проекти со кои што се очекува дополнително да се подобрат условите и се од суѓтинска важност за жителите во главниот град.
За изградба и реконструкција на улици, патишта, мостови, водоводна мрежа и атмосферска и фекална канализација градската власт планира да обезбеди 850 милиони денари. Од нив, 750 милиони денари ќе бидат обезбедени од приходи од уредување на градежно земјиште, а останатите 100 милиони од приходи од легализација на дивоградби.
Најголем дел од парите, и тоа повеќе од 818 милиони денари , ќе се потрошат во изградба и реконструкција на улици и патишта.