
Спогодбата помеѓу владите на Македонија и на Србија за утврдување на граничните процедури за железничкиот граничен премин Табановце-Прешево денеска ќе биде разгледувана од собраниската Комисија за надворешни работи.

Освен Предлог-закон за ратификација на Спогодбата за утврдување на граничните процедури за железничкиот граничен премин Табановце-Прешево, Комисијата ќе расправа и за Предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Агенцијата за меѓународен развој на САД за банкарски гаранции во земјоделство и рурален развој во Република Македонија.
Седници на повеќе собраниски комисии
Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат и комисиите за транспорт, врски и екологија, за европски прашања, за прашања на изборите и именувањата, за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање и Законодавно-правната комисија.
Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање ќе ги разгледа извештаите за работата на Агенцијата за разузнавање во 2014 година и на Управата за безбедност и контраразузнавање во 2014 година, како и Програмата за работа на Управата за безбедност и контраразузнавање за 2015 година.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе расправа за Утврдување предлог-одлука за избор на член на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Комисијата за транспорт, врски и екологија треба да се изјасни за предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот, во прво читање и на Законот за договорите за превоз во патниот сообраќај, во второ читање.
Предлог – законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во прво читање е на дневен ред на Комисијата за европски прашања.