Чавков: Проблемот со бегалците е глобален и само врз таа основа може да се реши

Проблемот со бегалците и со миграцијата е глобален проблем и само врз таа основа може да се реши.

За проблемите со кои што се соочува земјава, од масовниот влез на бегалци и мигранти на територија на Македонија, во интервју  за грчката новинска агенција АНА МПА говореше македонскиот министер за внатрешни работи Митко Чавков.

Македонија не е членка на ЕУ и нема на располагање ресурси од ЕУ

Министерот Чавков во интервјуто истакна дека Македонија има возови кои можат да првезуваат илјада луѓе дневно и компании за превоз чии автобуси можат да пренесат илјада луѓе дневно.

Тоа значи дека дневно само две илјади мигранти кожат да го продолжат својот пат. Во случај Грција за еден ден да ја напуштат пет илајди мигранти, за три илади ќе нема место, изјави Чавков, додавајќи дека ако таквата ситуација се повтори неколку дена по ред постои опасност од сериозна криза, пренесува МИА.

Чавков подвлече дека Македонија не е членка на ЕУ и нема на располагање ресурси и средства од ЕУ и информира дека голем број мигранти не успеваат да најдат средства за транспорт со што се зголемува нивниот број во Гевгелија.

Македонија не е членка на ЕУ и нема на располагање ресурси од ЕУ
Македонија не е членка на ЕУ и нема на располагање ресурси од ЕУ

Како што нагласува, во еден момент имало ситуација кога во Гевгелија, град со околу 15.000 жители, имало околу 8.000 мигранти. Дел од жителите на градот се пожалиле дека некои од мигрантите предизвикале штета на нивните имоти, а постојат и проблеми со ограничен медицински персонал кој обезбедува помош за болните и сиромашните мигранти, со што се зголемуваат потенцијалните ризици за пренесување болести.

Поради овие причини, Владата одлучи да прогласи вонредна состојба во регионот и да се создадат услови за вклучување на сите релевантни институции, вклучувајќи ја и војската, која треба да и помогне на полицијата да ја зајакне контролата на границите. Ние веруваме дека со зајакнување на контролата може да се постигне, бројот на имигранти кои влегуваат во земјата да не ги надмине нашите можности, со што подобро ќе одговориме на нивните потреби, рече Чавков додавајќи дека е при крај и пунктот за прием кој ќе помогне за поефикасна регистрација на мигрантите и ќе обезбеди похумани услови.

На новинарско прашање како Европската унија може да и помогне на Македонија да се справи со зголемениот прилив на бегалци, кој според сите проценки, ќе потрае уште некое време и ќе има уште повеќе проблеми, Чавков одговори дека ЕУ може да помогне со финансиски и технички средства и човечки ресурси.

Но, најголема помош ќе биде ако се подготви конзистентна политика и конечно да се најде решение за проблемот, хумано решение, во согласност со европските стандарди, што ја покажува европската солидарност во пракса, особено за илегалните мигранти и нивната трагична судбина, но исто така и за земјите кои се најмногу изложени на миграционите текови, истакна македонскиот министер.

Проблемот со бегалците и со миграцијата е глобален

Тој подвлече дека е свесен оти овој проблем нема да заврши утре и оти не е ниту локален, ниту регионален проблем.

Ова е глобален проблем и само врз таа основа може да се реши. Ние како држава сме подготвени и сакаме да бидеме дел од решението, нагласи Чавков.

Во врска со соработката со грчката полиција за конкретниот проблем, министерот изјави дека по долго време, грчката полиција почна да соработува со македонската, но истакна дека постои простор за понатамошно подобрување во соработката. Тој подвлече дека со сите други полициски сили на соседните земји Макдонија има потпишано голем број договори и меморандуми, има отворени канали за комуникација и заеднички патроли, но оти, за жал, односите со грчката полиција не се на тоа ниво.

Курц: Ситуацијата во Македонија со мигрантите е драматична, ЕУ мора да помогне!
Курц: Ситуацијата во Македонија со мигрантите е драматична, ЕУ мора да помогне!

Претходните години, и од страна на претходниот министер за внатрешни работи на нашата земја и од мојата страна, имаше многу напори за подобрување на соработката. Предложивме и соработка на ниво на началници на полицијата на двете земји, но без успех. И покрај тоа што би можеле да имаме соработка во интерес на граѓаните на нашите две земји, никогаш не добивме позитивен одговор, изјави Чавков и изрази надеж дека сега е вистинското време за да се покаже дека пријателите и соседите, може и треба заемно да се поддржуваат.

Потсетувајќи на македонската иницијатива за средба со министрите за внатрешни работи на Србија, Унгарија и Австрија за решавање на проблемите со зголемената миграција низ „Балканскиот коридор“, која ќе се одржи наредните денови, новинарот го прашува Чавков зошто не е повикана и Грција, „особено со оглед на тоа што постојано се потсетува дека е потребна подобра и поефективна соработка со Грција“.

Грција е една од клучните алки во синџирот за решавање на проблемот со миграцијата. Една од најкритичните, со оглед на тоа што е првата земја во т.н. „Балкански коридор“ и прва земја од ЕУ во која влегуваат илегалните мигранти. Ова интервју го сметам за еден вид јавен повик до министерот на вашата земја да присуствува на состанокот. За доброто на нашите граѓани и за доброто на илјадници мигранти кои минуваат секојдневно низ нашите земји, ние сме подготвени да ги оставиме зад себе сите наши несогласувања, изјави македонскиот министер за внатрешни работи Митко Чавков во интервју за грчката новинска агенција АНА МПА.

Нов бран од 7.000 мигранти се упатиле кон Македонија

Инаку, според најновите информации УНХЦР најавува дека кон прифатниот камп во Гевгелија се очекуваат во текот на денот постепено да притигнуваат мигранти од поголема група од околу 7.000 лица кои се упатиле кон македонко-грчката граница.

Организираниот транспорт на мигрантите од прифатниот пункт кај Гевгелија до Табановце, според проценките на сите чинители вклучени во справувањето со бегалската криза, се одвива во најдобар ред.

За време на викендот мигрантите се превезуваа само со воз од платформата во Гевгелија до Табановце. Кон границата со Србија и денеска тие заминуваат по железнички пат со редовните и специјалните возови. Според информациите од железничка станица во Гевгелија, изминативе дванаесет часа кон Табановце заминале 1.500 мигранти, а пред малку кон северната граница замина уште еден специјален воз со околу 1.000 мигранти, пренесува МИА.

Нов бран од 7.000 мигранти се упатиле кон Македонија
Нов бран од 7.000 мигранти се упатиле кон Македонија

Според проценките на меѓународниот Црвен крст околу 1.600 мигранти до утрово се упатиле од Гевгелија кон Табановце. Оттаму нагласуваат дека бројот на здравствените интервенции е во рамките на нормала, од 40 до 50 на ден, а викендов биле поделени и 2.000 пакети со храна и вода.

Претставниците на УНХЦР оперираат со бројка од околу 3.000 мигранти кои изминативе 24 часа заминале од јужната кон северната граница.

Според нив, состојбата на границата е нормална, а прифатниот пункт за мигрантите функционира во најдобар ред. Во последниот бран бегалци кои пристигнале во Гевгелија најбројни биле бегалците од Авганистан и Пакистан.