Иванов: Македонија очекува поддршка за деблокирање на евроинтегративниот процес

Претседателот Ѓорѓе Иванов денес оствари средба со државниот секретар за европски прашања во француското Министерство за надворешни работи, Арлем Дезир.

На средбата биле разменети мислења за севкупните односи меѓу Република Македонија и Француската Република на билатерално и на мултилатерално ниво, при што беше констатирана потребата од интензивирање на политичкиот дијалог на сите нивоа и продлабочување на економските односи.

Иванов: Македонија очекува отворена поддршка за деблокирање на евроинтегративниот процес

Во однос на европската и евроатланската перспектива, претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија очекува отворена поддршка за деблокирање на евроинтегративниот процес, што би резултирало со отворање на пристапните преговори со ЕУ.

– Блокадите делуваат демотивирачки, постојано предупредувам на растечките фрустрации во македонското општество. Затоа апелираме до Европската унија билатералните прашања да не бидат пречка за заедничка поддршка и солидарност. Нашите барања се овие два процеси да течат паралелно, или прашањето за името да се решава како последно 35 поглавје од преговорите, истакнал Иванов на средбата.

Дезир: Франција со помош и поддршка за Македонија во евроатлантските интеграции

Државниот секретар Дезир нагласил дека посетата на Македонија е со цел да ја пренесе цврстата определба за помош и поддршка од Франција за Република Македонија и целиот регион во евроатлантските интеграции.

Неопходно е Република Македонија посветено да работи на исполнување на препораките од Европската комисија, за што сум тука да ве охрабрам, нагласил Дезир.

На средбата биле разменети мислења и за актуелната ситуација со мигрантите. Во таа насока, претседателот Ѓорѓе Иванов нагласил дека на Република Македонија и е неопходна помош и поддршка за справување со оваа криза, и изразил очекување за соодветен одговор од ЕУ во најскоро време.

Двајцата соговорници, како што е наведено во соопштението, ја истакнале и потребата од натамошна соработка на безбедносните служби и размена на информации во борбата против насилниот екстремизам и радикализмот.