
Министерот за надворешни работи Никола Попоски во Луксембург.
На покана на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и Министерот за надворешни рабoти на Луксембург Жан Аселборн (во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ), шефот на македонската дипломатија денес и утре во Луксембург, ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ: Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција.

Како што информираат од Министерството за надворешни работи, дискусиите на состанокот ќе се фокусираат на актуелната миграциска криза која потекнува од земјите од Јужното соседство на ЕУ, како и менаџирањето со истата од страна на земјите-кандидати кои се соочени со масовен наплив на илегални емигранти.
На маргините на состанокот, предвидено е министерот Попоски во Луксембург да оствари билатерални средби со своите колеги од земјите-членки на ЕУ.