
Охриѓани вчера се информираа за поволностите на владиниот проект „ Купи куќа, купи стан “.
Претставници на Министерството за финансии ги информираа заинтерсираните кои сакаат да го решат станбеното прашање за условите и поволностите, а градежни компании ги претставија понудите на станови во овој град.
Директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов информира дека имаат станови во Охрид кои можат да бидат дел од проектот „ Купи куќа, купи стан “.
– Имаме станови кои се на располагање во Охрид и кои се вклопуваат во условите на овој проект. Акционерско друштво имаше објект во кој околу три години немаше интерес за купување станови, но со овој проект за околу пет до шест месеци продадовме дваесетина станови. Во моментот имаме на располагање уште 22 стана кои се со почетна цена од 599 евра по метар квадратен, истакна Грозданов и додаде дека се започнати преговори за изградба на нови станови во централното градско подрачје на Охрид.
Во рамки на караванот беа присутни и претставници од сите банки кои се дел од проектот.
Неколку модели за купување стан
Проектот „ Купи куќа, купи стан “ нуди неколку модели за купување на стан. Првиот модел е „половина рата“ каде што државата плаќа половина средства за ратата во првите пет години, а вториот модел е „пола учество“ за кое државата плаќа 50% од учеството за купување стан. Доколку граѓанинот се одлучи за изградба или купување куќа, тогаш државата плаќа 75% од ратата за првите пет години или дава 75% од учеството.
Граѓаните, кои сакаат да аплицираат за субвенциониран кредит, не треба да имаат повеќе од 900 евра вкупни месечни приходи за поединец или заедно со брачниот партнер најмногу до 1.300 евра, да немаат недвижен имот во нивна сопственост и да немаат подигнато друг станбен кредит, пренесува МИА.
Караванот на проектот „ Купи куќа, купи стан “ ќе продолжи и во Прилеп, Струмица, Велес, Куманово и Тетово.