Владата на Србија упзти протест поради употребата на солзавец против бегалците од страна на Унгарија на територијата на Србија и додаде дека испраќа полициски единици на заедничната граница.
– Наша задача е да се избегнат идни напади од бегалците врз унгарски полицајци од наша територија, а исто така и да бидеме хумани и со почитување да ги префрлиме мигрантите од оградите, изјави српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.
Повредени дваесет полицајци и две деца
При судирите на унгарско-српската граница се повредени 20 унгарски полицајци, како и две деца, кои се хоспитализирани.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун упати критики до Унгарија поради начинот на кој се однесува кон бегалците, оценувајќи дека тоа е неприфатливо.
Тој изјави дека е шокиран од постапките кон бегалци на унгарско-српската граница, додавајќи дека кон нив треба да се однесуваат со почитување и достоинство, пренесува МИА.
Вучиќ: Ќе ги штитиме граѓаните и територијата, ЕУ треба да реагира
Српскиот премиер Александар Вучиќ вечерва го осуди бруталното однесување на унгарската полиција кон бегалците на граничниот премин Хоргош и нападите врз новинари, повикувајќи ја ЕУ да реагира.
Тој порача дека Србија ќе се однесува одговорно и ќе ги штити своите граѓани и територијата, додавајќи дека за в петок е закажана седница на Бирото за координација на безбедносните служби.
Вучиќ во изјава за РТС од Вашингтон истакна дека членките на ЕУ мора да се однесуваат согласно европските правила и вредности и побара од Унијата да реагира.
– Србија знае да ја штити својата земја, националното достоинство и својата територија, а ако биде потребно и од ЕУ ќе ги штитиме европските вредности, нагласи српскиот премиер.
Дачиќ потенцира дека Србија, не по своја вина, е доведена во тешка ситуација, но со одговорна и сериозна политика ќе му помогне на својот народ и на никој нема да му дозволи „да не понижува или фрла солзавец на наша територија“.