Зошто некои пушачи добиваат канцер, а други не?

Сите пушачи се свесни дека со секоја запалена цигара го зголемуваат ризикот за добивање рак на белите дробови, но многумина од нив, за среќа дочекуваат длабока старост. Како е тоа можно?

Од друга страна, има и лица кои заболуваат откако кратко време биле пушачи.

Специфични „гени за долговечност“

Американските научници ги интересирало зошто ова е вака, па спровеле истражување кое покажало дека голема улога игра генетиката.

Имено, тие веруваат дека пушачите кои живеат подолго имаат специфични „ гени за долговечност “, кои ја намалуваат веројатноста за развој на канцер за дури 11 отсто.

Исто така благодарејќи на овие гени, ќелиите лесно и брзо се обновуваат, а стареењето и ефектите од пушењето се забавуваат.

Тутунот убива половина од лицата кои го употребуваат

Бројките кои неодамна ги објавила Светската здравствена организација покажуваат дека тутунот сепак ги убива половина од вкупната бројка на луѓе кои го употребуваат. СЗО затоа напоменува дека тутунот е една од најголемите закани за здравјето на луѓето со која некогаш сме се соочиле, како и дека годишно како последица од пушењето умираат околу шест милиони луѓе.