
Во рамки на првото коло кое ќе се игра на 1/2 октомври “штрковите” ќе играат со Унион Олимпија, а потоа, од 3 до 5 октомври следи меч на домашен терен против Металац. Во рамки на третото коло кое ќе се игра на 6/7 октомври МЗТ гостува кај белградски Партизан, а на 8/9 октомври следи ново гостување кај Мега Лекс. Пеколниот распоред во првите пет кола го комплетира мечот против Игокеа во “Јане Сандански” кој ќе се одигра од 10 до 12 октомври.
Од поинтересните дерби-средби, во осмото и деветтото коло во Скопје доаѓаат две суперквалитетни екипи – Цибона (31 октомври-2 ноември) и Ц.Звезда (7 ноември-9 ноември), а актуелниот хрватски шампион, екипата на Цедевита во “Јане Сандански” гостува во 13-тото коло кое се игра на почетокот на декември. Екипата на Партизан, пак, во Скопје ќе гостува во 16-тото коло (22/24 декември), а гостувањето на “металците” кај Ц.Звезда е во 22-то коло кое се игра на крајот на јануари.
За тимот од Аеродром ова ќе биде четврта сезона во регионалната АБА-лига. Лани, МЗТ Скопје по 26 средби во Јадранската лига завршија на 13-тата позиција, со седум победи и 19 пораза. Комплетниот распоред на АБА-лигата за новата сезона може да го погледнете ОВДЕ.