
Токму оваа променлива форма го натера менаџерот Арсен Венгер да размислува за евентуални јануарски засилувања, особено во нападот.
Иако Алексис Санчез и Тео Волкот играат во одлична форма, а тука се и Оливие Жиру и Дени Велбек, сепак бројот на офанзивци е мал за да може да се издржи пеколното темпо во Премиер лигата, Лигата на шампионите, како и Карлинг и ФА купот.
Според медиумите на Островот, Венгер веќе го има “пикирано” првото засилување, а тоа е напаѓачот на Селта Виго, Нолито.
Тој одлично би се вклопил во играта на “топчиите”, со оглед дека се работи за технички “поткован” фудбалер кој умее со топката, а својата школа ја има минато во Барселона.

Сепак, токму каталонскиот клуб ќе биде директен ривал на Арсенал за евентуалниот ангажман на Нолито. Барселона ќе се обиде да го доведе како поддршка за триото Меси-Суарез-Нејмар, но токму неприкосновениот статус на овие тројца во нападот може да биде и причина за неуспех на овој трансфер. Долгогодишниот напаѓач на Барса, Педро си замина од истата причина и се пресели во Челзи.
Дали првотимскиот статус кој Арсенал може да му го понуди на Нолито ќе одигра клучна улога при овој трансфер, останува да видиме во зимскиот преоден рок.