
Двајца адвокати од Штип се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување и се товарат дека го оштетиле Буџетот на Министерството за внатрешни работи за 3.173.268 денари.
Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, до ОЈО Скопје поднела две кривични пријави против двајца адвокати од Штип, поради основано сомнение дека сториле вкупно шест кривични дела.
Љ.С. (58) и Н.Н. (42) од Штип, незаконски прибавиле вкупно 2.397.964 денари и го оштетиле Буџетот на Македонија за 3.173.268 денари.
Пријавената Љ.С. во својство на адвокат искористувајќи ја својата службена положба и овластување, во текот на 2012 и 2013 година повела работни спорови пред Основен суд Штип, против Министерството за внатрешни работи на РМ, за неизвршена уплата на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во име на 18 полициски службеници и без нивно знаење изготвила фалсификувани полномошна за застапување, кои своерачно ги потпишала, притоа злоупотребувјќи ги нивните лични податоци и поднела тужби за наплата на неисплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, на додатокот на плата за кое претходно биле донесени правосилни решенија.
По завршувањето на постапките, а заради наплата на придонесите и наградата за извршената работа, од страна на пријавената бил ангажиран извршител кој постапувал по нејзините барања за извршување и за себе и за адвокатот ги пресметувала трошоците и наградата за извршените извршни дејствија, при што дополнително бил оштетен Буџетот на РМ– МВР на РМ. Со наведеното, пријавената за себе незаконски прибавила 379.371 денари и го оштетила Буџетот на МВР за 476.246 денари.
Пријавениот Н.Н., адвокат од Штип, пак, искористувајќи ја својата службена положба и овластување во текот на 2012, 2013 и 2014 година повел работни спорови пред Основен суд Штип, против Министерството за внатрешни работи на РМ, за неизвршена уплата на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во име на 106 полициски службеници и без нивно знаење изготвил и своерачно потпишал фалсификувани полномошна за застапување, злоупотребувајќи ги нивните лични податоци и поднел тужби за наплата на неисплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, на додатокот на плата за кое претходно биле донесени правосилни решенија. Тој го оштетил Буџетот за 2.697.022 денари.
Во претходниот период, против Н.Н. се поднесени кривични пријави за „загрозување на безбедноста на сообраќајот“, „прикривање“, „измама“, „оштетување туѓи права“, „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.