
Македонија во август годинава ја посетиле 168.851 туристи кои оствариле 722.624 ноќевања. Во однос на август минатата година бројот на туристи е зголемен за 16,1, а бројот на ноќевања пораснал за 14,7 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на домашните туристи е зголемен за 13 отсто, а на странските за 20,8 проценти.
Домашните туристи во август годинава оствариле за 11,7 отсто повеќе ноќевања во однос на истиот месец лани, додека бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 25 проценти.
Во првите осум месеци од годинава бројот на туристите е зголемен за 10,1 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Кај домашните туристи има зголемување за 5,2, а кај странските за 14,2 отсто. Бројот на ноќевања, пак, е поголем за 8,3 отсто. Кај домашните туристи има зголемување за 6,4, а кај странските за 11,7 отсто.