Во четвртото коло од Европскиот клупски куп што се игра во Скопје, екипата на ШК “Алкалоид” извојува значајна победа совладувајќи го “Аве Нови Бор” од Чешка, Европски Шампион од 2013 година и вицешампион за ланската 2014 година!
Дека се работеше за две изедначени екипи потврдија петте реми завршници кои се случија по долга борба и 4 часа игра. Иванчук (против Војташек) и Јаковенко (против Харикришна) со бели фигури изградија поизгледни позиции. Истовремено Томашевски и Криворучко беа во блага дефанзива. Сите тие позиции, вклучувајќи ја изедначената партијата на Андреикин, не го отворија резултатот.
Кинескиот шахист Јангји Ју по речиси 6 часа и одиграни 85 потега, ја донесе победата за ШК “Алкалоид”. Во динамична “сицилијанска партија”, Ју го диктираше темпото и одржуваше напната позиција и во далечната дамска завршница успеа да ги искористи последните ресурси во борбата за цел поен. Во тој момент резултатот во мечот беше 2,5:2,5 и конечниот исход зависеше од таа партија. Драмата на мечот се решаваше во ситуација кога двата противници имаа преостанато помалку од 2 минути за завршување на партијата. Ју успеа да најде скриена комбинација со која премина во добиена завршница крал и пешак против крал.
Со тоа екипата на ШК “Алкалоид”, по 4 одиграни кола и освоени максимален број победи, се наоѓа на делба на првото место заедно со фаворизираните Сокар од Азербејџан и Сибир од Русија. Жрепката сакаше во петтото коло да се сретнат Сибир и Сокар, додека Алкалоид ќе има подеднакво напорна задача против Објетиво Рисарчименто Падова од Италија, екипа што е предводена од Хикару Накамура, вториот играч според ФИДЕ-рејтингот веднаш зад светскиот првак Магнус Карлсен.
Дмитри Андрејкин и Јангјуи Ју се најуспешните шахисти на Алкалоид со по 3,5 бода од четири партии и се наоѓаат на делба на првото место каде што има вкупно 14 шахисти со идентично постигнување по одиграните четири кола. Обајцата се водечки и во конкуренција за најдобри играчи според освоените поени, и тоа Андрејкин на четврта и Ју на шеста табла.