МАКЕДОНИЈА е зборот кој ги водеше борците за независна Македонија, и тој збор треба да не води и нас во денешните битки. Ние сме должни да го чуваме нашиот идентитет, јазик и култура, да сме обединети и да ги остваруваме нашите заеднички интереси.
По повод 23-ти Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски упати честитка до сите граѓани на Република Македонија од свое лично име и од името на пратениците во Собранието на Република Македонија.
Во продолжение интегрален текст од честитката:
Наша обврска и должност е да оддадеме достојна почит на успесите од минатото, но гледајќи решително, заедно и обединето кон иднината.
Внатрешната македонска револуционерна организација ја определува вредноста на сe што е македонско. Застана на патот и беше решена како организација цврсто да ги брани македонските национални, културни, историски и цивилизациски придобивки, со длабоко врежано чувство на грижа за сите кои живеат на македонско тло, без разлика на вера и етничка припадност.
Македонскиот непокор и вековната желба за слободна Македонија се вткаени во овие четири букви кои беа движечка сила за сите херојски подвизи.
Во оваа прилика мораме да се потсетиме дека МАКЕДОНИЈА е зборот кој ги водеше борците за независна Македонија, и тој збор треба да не води и нас во денешните битки. Ние сме должни да го чуваме нашиот идентитет, јазик и култура, да сме обединети и да ги остваруваме нашите заеднички интереси.
Ние како граѓани на Република Македонија ја имаме можноста да работиме во демократска држава, и заедно да се вложиме кон нејзин развој и модернизација за генераците кои ќе следат да бидат горди на својата држава.
Нека ни е честит Денот на македонската револуционерна борба,
Нека ни е вековита Република Македонија,
Со почит,
Претседател на Собранието на Република Македонија
Трајко Вељаноски