Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денес на 26-тата седница на Комисијата за одбрана и безбедност ја даде својата поддршка и ги даде на понатамошно читање измените на Законот за служба во Армијата на Република Македонија.
Со овие предлог измени на Законот за служба во Армијата на Република Македонија се овозможува вработување на сите професионални војници на кои им престанал работниот однос по основ на навршување на максимална старосна граница.
Преку ова законско решение се врши конечна разрешница и завршување на процесот со кој започнавме да го решаваме статусот на професионалните војници кои што се на служба во Армијата, потоа продолжи со решавање на статусот и вработување на професионалните војници кои што беа евидентирани во Агенцијата за вработување како невработени лица, за сега да се заврши со вработување на третата група на сите останати професионални војници на кои работниот однос во Армијата на Република Македонија им престанал по основ на навршување на максималната старосна граница.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја дава својата безрезервна поддршка за овој закон бидејќи смета дека одредбите од законот се многу прецизни и го регулираат начинот на вработувањето со конкретни рокови. Поранешните војници кои што се опфатени со овој закон треба да поднесат барање до Министерството за одбрана до крајот на месец јануари 2016 година.
Ваквото позитивно законско решение беше поздравено и ја доби поддршката и од страна на Координативното тело на отпуштени професионални војници кои што изразија голема благодарност до Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за затворањето на најгорливото прашање за професионалните војници кои беа со нерешен статус.
Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ горди сме и изразуваме огромно задоволство што со овие предвидени вработувања кои што треба да завршат најдоцна до крајот на февруари 2016 година, ќе бидат решени судбините и егзистенционалните проблеми на околу 140 поранешни професионални војници.
Досега, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ континуирано даваше поддршка на сите проекти и позитивни решенија со кои што се помагаше на професионалните војници и на Армијата на Република Македонија.
Како дел од позитивните мерки, дадовме поддршка за вработување на нови 250 професионални војници, преку Проектот „АРМ – мој вистински дом“ дадовме поддршка за решавање на долгодишниот проблем на војниците околу нивното станбено прашање, за вршење на селективни курсеви за прием во редовите на специјалните единици на АРМ, за обезбедување на нови униформи за армијата, како и за многу други проекти кои што придонесоа за модернизација, ефикасност и професионалност на Армијата на Република Македонија.
Сите овие позитивни мерки придонесуваат Армијата на Република Македонија денес да претставува еден од клучните столбови на македонското општество гарантирајќи ја неговата сигурност и безбедност.
Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ како и досега, така и отсега ќе продолжиме да работиме и даваме свој придонес за уште постабилна, посилна, професионална и респектирана Армија на Република Македонија, се вели во соопштенето на ВМРО-ДПМНЕ.