Според надлежните, покрај намалување на невработеност овој проект има за цел и да им помогне на македонските компании да ги намалат трошоците за отворање нови работни места, за проширување на нивниот бизнис, да ги намалат трошоците за исплата на плати и придонеси за секое ново вработено лица и да ги пренаменат за развој на нивниот бизнис.
Така, над 90 проценти од компаниите кои ги користат активните мерки за вработување се микро и мали бизниси. Досега 4.675 компании со под 10 вработени ги искористиле можностите кои ги нуди Владата. 564 компании кои имаат од 10 до 49 вработени, исто така ги искористиле активните мерки и вработиле нови работници. Истото го направиле и речиси 100 компании, со од 50 до 249 вработени, а и 21 компанија со над 250 работници.
Субвенциите од државната каса за отворање нови работни места се добредојдени. Бенефитот е голем. Компаниите имаат чувство да ги препознаат добрите, квалитетните работници кои понатаму можат да бидат дел од компанијата, вели претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков.
Преку мерките за вработување, со ослободувањето од придонеси секоја компанија за едно вработување има месечна заштеда од околу 150 евра или 1.800 евра на годишно ниво. Во периодот од една година овие компании ќе добијат ослободување од околу 14 милиони евра, а за три години над 42 милиони евра, кои пак можат да ги пренасочат за развој на бизнисот. Според експертите, тоа претставува директна помош за македонската економија.