Сепак, ваквиот чекор, кој засега е само можност, би се преземал во крајна нужда, односно само доколку земјите кон кои се упатуваат мигрантите значително го намалат протокот и на тој начин Република Македонија биде доведена во ситуација да се соочи со предизвикот за подолг престој на неконтролирана бројка на мигранти за која нема капацитет и можност да даде хуман третман, се наведува во соопштението издадено од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов..
На седницата на Советот за безбедност, покрај шефот на државата Иванов, присуствуваа и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министрите за одбрана и за внатрешни работи Зоран Јолевски и Оливер Спасовски, како и членовите на Советот Вели Креци, Фљора Кадриу и Насер Сејдини.

На покана на претседателот Иванов, согласно деловникот за работа на СБ, на седницата присуствуваа и раководителот на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи Никола Тодоров, началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Методија Величковски, директорот на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Љупчо Андоновски, директорот на Бирото за јавна безбдност Горанчо Савовски, раководителот на сектор во Службата за воена безбедност и разузнавање Фердинанд Оџаков и претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија, Емил Димитриев.
На седницата не присуствуваа Никола Попоски, министер за надворешни работи на Република Македонија, како и заменик-министерот за внатрешни работи Митко Чавков поради службено патување надвор од Република Македонија.
На седницата не присуствува директорот на Центарот за управување со кризи и раководител на Групата за процена, Сузана Салиу.