Мегаскандал во казино: Кривична за поранешни управители, адвокати и судија

Пријавениот П.Т. кој е поранешен управител во „Југосвен“ во содејство и со помош на другите пријавени , извршил неоснован пренос на капитал од едно во друго правно лице одбегнувајќи го плаќањето на даночните обврски со кои Управата за јавни приходи ги задолжила правните лица „Југосвен Гевгелија-Турист“, Гевгелија и „Корнелија“ ДОО, Гевгелија (со две работни едници: Аполонија Казино и Хотел Југо Гевгелија).

Од овие две правни лица во периодот од 2004 до 2007 година, неосновано се префрлал капиталот, преку склучување на лажни (непостоечки) Договори во 2004, 2005 и 2006 година, како да се извршени менаџерски, консалтинг услуги и агентура, врз основа на кои се изготвувани  лажни фактури со кои се создале непостоечки обврски, односно непостоечки побарувања за фактички неизвршени услуги, во вкупен износ од 254.811.657,00 денари или 4.143.425 евра со што го сториле кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

По ова, поголемиот дел од овие парични средства во вкупен износ од 132.789.500,00 денари или 2.159.325 евра, ги присвоиле во корист на нивните поврзани правни субјекти „Стелар Интернационал“ и „Корона Интернационал“ ДОО и ги пуштиле во оптек во легалниот платен промет, при тоа користејќи и сметки во странски банки и истите ги присвоиле за свои потреби, со што пријавените поранешни управители П.Т., А.Р., Л.К. и Б.Ф. го сториле кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Пријавените адвокати З.Ш., Ж.К.П. и Ј.М. се товарат дека сториле кривично дело „помагање“.

Втор Мегаскандал за истото казино

Во 2005-тата година беа објавени информации дека казиното во хотелот Југо во Гевгелија во периодот од 1996 до 2003 година затаило данок од 1,096 милијарди денари, или 18 милиони евра што според даночниците беше дотогаш најголем неплатен данок кај нас.

Управата за јавни приходи открила рекордно затајување на данок, во износ од 1,096 милијарди денари, или 17. 981. 791 евра во работењето на казиното во хотелот Југо во Гевгелија, во периодот од 1996 до 2003 година. Утврдено било дека затајувањето го направиле две фирми- „Аполонија Касино“, угостителство и туризам ДОО Гевгелија, со седиште во Хотелот Југо од Гевгелија и „Југосвен“ ДОО Гевгелија.