
Кривична пријава е поднесена против тројца високи функционери на Подружница – Шумско стопанство „Шар“ во Гостивар. Се смета дека тројцата преку „злоупотреба на службената должност“ и „несовесно работење“ го оштетиле Јавното претпријатие „Македонски шуми“ за над 4, 5 милиони денари.
Директорот на шумското стопанство В.А.(47) од Гостивар, раководителот С.П.(40), и шефот на службата за финансиски работи И.И.(56) се товарат дека сториле кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“.
Пријавените, како што информира МВР, во текот на 2007 и 2012 година, спротивно на закон без согласност и овластување на директорот на ЈП „Македонски Шуми“ склучиле и потпишале пет анекс договори за сеча, дотур и превоз на дрвни сортименти со шест приватни правни лица, потоа С.П. незаконски склучил договор за вработување на И.И., назначувајќи го како заменик раководител на подружницата и шеф на службата за финансиско работење.
И.И.несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и спротивно на закон вршел преправки на фактурите, цената, книжењето во сметководство, изготвувал фактури со исти броеви и др.
На овој начин, пријавените го оштетиле Јавното претпријатие во вкупен износ од 4.550.140,50 денари.