Јалови се обидите на СДСМ на секој можен начин да ги омаловажат меѓународните средби кои ги има Владата во насока на зајакнување на економската соработка, регираат од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од опозицијата за странските инвестиции.
Делегацијата на Република Македонија предводена од премиерот Никола Груевски имаше средба со државниот врв на НР Кина, втората светска економија, како и со 16 шефови на држави и делегации кои учествуваа на истиот настан како на пример со премиерот на Република Словенија, Миро Церар, премиерот на Чешката Република, Бохуслав Соботка, претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, премиерот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, премиерот на Република Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, премиерот на Република Албанија, Еди Рама, и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ. На овие средби директно се разговараше за подобрување на економската соработка на Македонија со овие земји.
Токму како резултат на економската соработка со НР Кина денес во Македонија се градат два автопати, Кичево –Охрид и Скопје Штип во должина од скоро 110 километри во вкупна вредност од 580 милиони евра, грејс период од 5 години и екстремно поволна каматна стапка од 2 процентни поени. Ова СДСМ не можел ни да го сонува, а не да го реализира, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
При тоа, се додава дека тие автопати не само што обезбедуваат подобра сообраќајна конекција и значаен импулс за напредок на локалната економија, овозможуваат и ангажирање на 1600 работници. Тоа значи дека благодарение на економската соработка со НР Кина се обезбедува сигурна егзистенција на 1600 семејства.
Добро ќе беше СДСМ да посочеше барем една странска инвестиција која ја донеле со која се обезбедиле нови работни места. Менувачницата на Вицето и празната ливада во Сачево не ги броиме. Тие единствено се познати по тоа што во континуитет работат на уништување на бизнис климата и бркање на инвеститори.
Благодарение на посветената работа на оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНе само во 2015 година се отворени над 6.000 работни места само во странските инвестиции и затоа невработеноста изнесува 26,8%. Тоа е факт и тоа секој може да го види. Го гледа и СДСМ и затоа се нервозни бидејќи знаат дека граѓаните на 24 април ќе гласаат за тој кој има дела зад себе, а не лажни ветувања и празни зборови, се додава во соопштението.