
Во склоп со превземените техничко-тактички мерки на јужната државна граница за насочување на лицата кон контролните пунктови заради регистрација и хуман третман, како и досега редовно се пропуштаат лицата кои доаѓаат од регионите зафатени со воени дејствија, како што се Ирак, Сирија и Авганистан.
Од Владата информираат дека на граничниот премин „Табановце“ за изминатите 24 часа, односно од полноќ во четвртокот до полноќ во петокот, со воз пристигнале и заминале вкупно 3.065 бегалци. Од полноќ, до 08 часот утринава, пристигнале 1.022 и сите заминале со железнички транспорт.
Во прифатно-транзитниот центар во Гевгелија, моментно, има околу 900 лица, од кои најголемиот дел се подготвуваат за транспорт со воз, а останатите ќе се транспортираат со автобуси и со следниот воз кој е планирано да тргне во 13 часот, денеска.