Груевски: Народот јасно гледа се’ и знае да цени и суди

Кандидатите кои СДСМ ги предложи се партиски кадри, тоа е што го имале на располагање во моментот, и ние по прашањата кои се од интерес на изборниот процес, но и генерално сме подготвени да соработуваме со нив. Генерално оставаат впечаток на згрчени луѓе кои се под голем партиски притисок да прават работи кои се недостојни во најмала рака, со цел да им донесат некој партиски поен. И нормално е човек кога е под притисок и таков стрес каков што тие го рефлектираат, да прават и грешки, да пробуваат да делуваат неаргументирано, површно, онака без посебно размислување, но тоа беше и очекувано. Ете веќе има еден пример на еден од нивните кадри како влетал во канцеларија кај една личност од нашата партија, и викал нешто дека се работи за него за живот или смрт, дека на крај ќе биде или таа или тој и слично. Ете тоа е тоа. Под притисок и стрес се луѓето и приморани се да прават грешки и да се однесуваат чудно и понекогаш недолично.

Но, едно треба да е јасно, ние нема да дозволиме проектите и ветувањата кои сме ги дале кон граѓаните на минатите избори и заради кои ја добивме огромната поддршка да бидат запрени. Иако има такви обиди.

Исто така ќе пробуваат со ниски удари да креираат случаи, да лажат и манипулираат, но ние, а и целата јавност веќе навикна на нив, така да само очекувам да паѓаат од апсурд во апсурд, сами во својата стапица, да се демантираат самите себе после некое време, како што тоа му стана пракса на лидерот на опозицијата.

Еве колку време помина, дали вие сте слушнале една конструктивна работа од нив? Еве, наједноставно прашање, дали сте слушнале да предложат некој проект во ресорите? Не.

Инаку, на слободата и демократијата веднаш се заборави, со самото седнување во фотелјите, тоа е навистина вака импресивно да се гледа и анализира. Возбудата која ја имаат, насочени во тотално погрешен правец, не сфаќајќи ја сопствената одговорност пред граѓаните и државата.

*Добро пред да поминеме на обвинувањата од опозицијата, кажете ми – што сега се случува во преговорите со СДСМ?

Груевски: Вака, се е многу едноставно. СДСМ преговара со две можни цели, или да биде комплетно како што тие сакаат или ако нема договор да се одложат изборите. За ДИК на пример, нивниот напор е или од двата Македонци експерти двата да се скриени нивни членови или подржувачи, или ако тоа не го прифатиме во еден момент да кажат дека заради одолговлекувањето мора да се пристапи кон одлагање на изборите, а ако не се одложат дека тие нема да учествуваат. Истото и за медиумите. Или да се сменат законите онака како што сакаат и под превезот на неутрален да постават партиски човек на чело на Агенцијата за медиуми и на ист начин мнозинство во советот на МРТ, и потоа да почнат пресметка со сите медиуми кои знаат да кажат некоја критика за нив, или се закануваат дека нема да одат на избори.

Свесни се дека ја немаат ни одблиску довербата на мнозинството граѓани, и поставуваат услови со кои би се обиделе со загушување и притисок на медиумите, како и со надгласување во ДИК да обезбедат малку помал пораз од тој кој анкетите на јавното мислење кои сами си ги нарачуваат им го покажуваат. Значи демократијата на дело. Ете ја. Да има забрана за коментари, да не смее никој да каже за нив ништо, па не е ни чудно што на сите анкети ако го поставите прашањето дали СДСМ би биле подемократска власт од ВМРО-ДПМНЕ, разликата е огромна дека СДСМ би биле многу понедемократска власт. Значи, тие се во агонија, од која прават чекори на очајник барајќи излез. Ги чека тежок пораз, и не знаат како да се справат со тоа. Така е кога една партија својата стратегија ја гради само на еден столб, кога влегува во валкан обид со креирани нелегално стекнати материјали да го победи својот противник, без идеја и програма, без елементарно чувство за државните интереси и интересите на народот. Таа валкана и нечесна игра не помина кај мнозинството од народот и сега имаат проблем. Се вртат кон тие кои ги куражеа, разноразни политички платеници, тезгари и одамна фрустрирани губитници во политиката, и нив ги нема со нова идеја, освен или бегајте од избори, или направете нова манипулација. Кога и тоа нема да им успее, кога ќе се свртат за совет кон истите, на нив ќе им го видат само грбот. Тажна е секоја приказна и завршеток на вакви нечесни игри во кои влезе Заев со свитата. На крајот сите ќе им го свртат грбот.

*Едно од работите кои најмногу ве напаѓаат се спомениците и Скопје 2014-та. Какви ви се плановите со поставување нови споменици?

Груевски: Скопје 2014-та е проект за кој многу луѓе ми честитаат, и многу луѓе се против. Тоа е проект кој беше пречекан од старт со доста контроверзии, прво колку што се сеќавам критиките беа дека е лага и нема да се реализира, но потоа кога почна да се реализира критиките се за стилот и што ли уште не им текна во меѓувреме. За среќа, значително е поголем бројот на подржувачи, што се гледа не само од истражувањата на јавното мислење по ова прашање, туку и од досегашните изборни резултати. Како и да е, јас во март кажав, а сега и ќе повторам. Надвор од оние споменици за кои е почната процедурата, нови не се планираат. А единствен за кој е почната процедурата а не е завршен, е скулптурната композиција на Мајка Тереза во Скопје, која започна пред околу еден месец и треба да заврши за околу една година. И тука се застанува со нови споменици. Значи државата нема да гради нови споменици.

Основната идеја на проектот Скопје 2014-та не беше барокот или неокласицизмот, тоа е само стил, кој патем кажано постоел во Скопје на поедини објекти. Идејата беше градење на институции на државата и зацврстување на идентитетските одредници на нашата нација и секако сериозен допринос во развојот на туризмот. За една држава е важно да има институции, свои институции, а не институции под кирија какви што имавме и за кои плаќавме огромни кирии на поединци бизнисмени, и една држава мора да има паметници за нејзиното минато, паметници на херои, успеси, битки, победи, историски настани, калење на духот.

Се крена многу врева околу ова и повеќе групи се организираа, но секоја со различен интерес. Некои заради естетската димензија, некои заради идеолошката, некои заради двете, а некои пак користеа и напаѓаа само затоа што тоа е македонско.

Историјата ќе суди дали ова било оправдано или не. Јас мислам дека е оправдано. Дали некои работи можеле подобро да се изведат, да изгледаат, дали некој споменик требало да е полево или подесно, дали требало да има пет, или  осум, или повеќе споменици е друго прашање, но суштината е една, и многу важна. Држава со институции и паметници за своите херои и темели на чувството за слобода, независност, непокор, саможртва. Низ тие примери ќе растат идните генерации, чиј дух јас сум убеден дека ќе биде гордост за оние што по нив ќе следат.

*Што со оние споменици кои се финансирани од други, а не од Владата? Имаше и такви неколку

Груевски: Од она што го знам, освен споменикот на Македонците бегалци од граѓанската војна во Грција, кој го најави едно од нивните здруженија нема друга иницијатива за споменик.

Знаете, долг, предолг период освен пар бисти ретко некаде, никој не поставил споменик на некој од нашите јунаци и историски личности, политичари, писатели, уметници, херои…Тоа и требаше на Македонија. Таа беше држена во сенка во времето на поранешна Југославија, со јасна интенција да се табуизира нејзината историја и многу личности за кои денес ние на нашите државни празници гордо говориме. Да се спомне името на Методија Андонов Ченто на пример било рамно на самоубиство, а камо ли за некои од личностите од историското ВМРО. Ние имаме сопствена држава и сопствена историја. Имаме континуитет, формирањето на нашата нација е процес кој е иреверзибилен, неповратен. Толкувањето на историјата ќе го оставиме на историчарите, но наше е да кажеме и посочиме личности кои биле активни и имале свој удел во македонската историја, без разлика колку некои од нив биле контроверзни, и каква сенка намерно или не се фрлало врз нивното делување.

Значи, ВМРО ДПМНЕ нема да иницира градење на нови споменици повеќе и тоа јавно го обзнанувам. Историјата нека суди дали со проектот Скопје 2014-та сме направиле добро или лошо. На крај сето ова ќе остане за државата и народот, ние нема да го носиме дома со нас.

gruevski_nikola_intervju

*А градбата на објектите од проектот Скопје 2014?

Груевски: Колку што знам сите тие објекти од страна на Владата се завршени. Можеби само еден е при крај, како Македонската филхармонија, која се гради во модерен стил.

Има некои објекти кои се приватни и кои не се завршени како поранешнана зграда на офицерски дом, и уште неколку такви, но за нив треба да се прашаат приватните инвеститори кога ќе бидат готови. Фасадите се во тек на изведба и тие се прават исклучиво во согласност со станарите, со потпишани над пола од нив. Нема да има проширување ни на тој проект, надвор од оние за кои е почната законската процедура или оние за кои не се избрало идејно решение па треба да се реобјави. Значи проектот Скопје 2014-та се заокружува и се завршува.

*Значи завршува овој проект?

Груевски: Да. Во делот на споменици е и завршен освен споменикот…