Вајгл: Медиумите не се бојно поле за партиските интереси

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, денеска го крена гласот против можноста во македонската држава да се донесе нов медиумски закон што би донел партиска цензура, јави дописникот на МИА од Брисел.

Во изјава за МИА, Вајгл вели дека мора да се донесе европски закон во Македонија, а не таков што би им слугувал на партиските интереси на било-која од политичките партии во земјата.
Јас повторно сметам, а тоа неколку пати го кажав, дека слободата на медиумите и неизложувањето на медиумите на притисоците, било на Владата или на политичките партии од едната или другата страна на политичкиот спектар е нешто од што Македонија мора да се ослободи. Ние констатираме во извештајот дека се уште има многу притисоци на медиумите, дека слободата на медиумите е една од слабите точки на македонското општество, што исто така важи и за граѓанското општество. Јас навистина би сакал, како поранешен новинар, слободата на медиумите да биде разбрана буквално. Тоа значи дека медиумите не се бојно поле за партиските интереси и тоа не смее да биде составен дел од нешто што е прифатливо во едно демократско општество и држава, дециден е Вајгл.
Реакцијата на европратеникот од Словенија, што не е прва од Европарламентот е потврда дека закондоавниот дом на Европската унија е дефинитивно против предлозите да се донесе Закон за медиуми под партиски диктат во Македонија, против кого исто така се и двете новинарски организации во земјата. А, во разговорот со министерот Никола Попоски во понеделникот и еврокомесарот Јоханес Хан му повторил дека Брисел сака Македонија да има ваков закон според примерот на некоја од земјите-членки на ЕУ, а не хибриден закон што само би ги продлабочил проблемите на новинарите и медиумските слободи во Република Македонија.