Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, советници од Советот на Град Скопје, директори на јавни претпријатија и ученици од средните училишта, денеска, учествуваа во садењето 360 листопадни дрвја во вториот дел на Парк Македонија, во рамките на есенската акција за садење 5.000 дрвја на територијата на градот.
– Во есенската акција на Градот Скопје ќе бидат засадени 5.000 садници по булеварите и во сите опшини, односно во дрворедите на булеварите, во парковите и во блоковското зеленило во општините. Оваа акција ја започнавме малку порано во СУГС „Васил Антевски –Дрен“, кога го почавме садењето на 500 садници во сите средни училишта, а во рамките на неа ќе се садат садници и во дрворедите на булеварите и на некои од нив веќе се спремни, односно ископани дупките. Дополнително, на заинтересираните урбани и месни заедници и куќни совети Градот Скопје додели околу 4.000 садници, во две акции, пролетна и есенска. Инаку, во текот на 2015 година на јавните зелени површини екипи на Градот Скопје, вклучувајќи ја и оваа акција, имаат засадено над 9.500 садници. Поголем број од новозасадените садници, односно 7.500 се од домашно произвоство, од расадниците на ЈП „Паркови и зеленило“ и еден помал процент, односно 2.500 садници кои се увезени од надвор. Градот Скопје организира континуирани акции за засадување нови дрвја на јавните површини, подигаме нови зелени површини и уредуваме нови катчиња за одмор и рекреација во природа, со што придонесуваме за почиста животна средина и за зачувување на здравјето на граѓаните. Во тек е изградбата и на паркот во Аеродром, кој е со површина од 80. 000 квадратни метри, а исто така следната година планираме во соработка со Општина Карпош да го уредиме и просторот крај булеварот Теодосиј Гологанов. Во текот на изминативе години, односно од 2009 година до сега на територијата на градот имаме засадено околу 70. 000 садници, а и следната година планираме да засадиме околу 5.000 садници и да подигаме нови зелени површини- истакна градоначлникот Трајановски.
Есенска акција за садење 5.000 дрвја во Скопје
Градоначалникот на Општина Карпош го изрази своето задоволство од одличната досегашна соработка со Градот Скопје и посочи дека таа ќе продолжи и во иднина, особено за проекти кои ќе ја подобрат животната средина на жителите на неговата општина.