
Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев присуствуваше на 28-от Конгрес на ЦДУ, кој се одржуваше во Карлсруе, Германија. Ѓорчев беше дел од делегацијата на партиите членки на Европската Народна партија (ЕПП), која што е најголема политичка групација во Европа.
За време на Конгресот тој оствари билатерална средба со Ханс Герт Петеринг, претседател на фондацијата Конрад Аденауер и поранешен претседател на Европскиот Парламент.
На средбата со потпретседателот на Европската Народна партија (ЕПП) и европарламентарецот кој е од редовите на ЦДУ, Дејвид Мекалистер се зборуваше за интеграцијата на Македонија во Европската Унија. Оваа тема беше доминантна и во разговорот со Хуберт Хупе, парламентарец во Германскиот Бундестаг.
Исто така, Ѓорчев оствари средба и со меѓународниот секретар на ЦДУ, Бертил Венгер на која беше дискутирано за билатерална соработка на ВМРО-ДПМНЕ и ЦДУ.
Главна тема на 28-от Конгрес на ЦДУ беше актуелната состојба со бегалците и мигрантите, заедно со состојбите во европската и германската економија.
На Конгресот свое обраќање имаше германската канцеларка Ангела Меркел како и останатите водечки луѓе на ЦДУ.