Самак: Ефектите од странските инвестиции се сè поголеми

Самак: Ефектите од странските инвестиции се сè поголеми
Самак: Ефектите од странските инвестиции се сè поголеми
Македонија влезе во нов инвестициски циклус, француската „Фамес“, гигантот „Капкон“, италијанската „Монтанте груп“, германски „Гентерм“, турската „Левидијагро“, се компаниите кои овие денови почнаа бизнис во земјава. За инвестициите, обемот, извозот и новите работни места, во емисијата Бизнис 365 на МТВ, говореше министерот за привлекување странски инвестиции во Владата, Веле Самак.

За една недела пет странски компании објавија влез во земјава некои и старт на производството. Што ќе значи ова за економскиот развој?

За некои овие бројки можеби ќе звучат како предизборна кампања, баш сега се отвараат, сега се најавуваат, но, толку нови фирми, кои отвараат, кои почнуваат со производство или одлучуваат да инвестираат во Македонија е резултат на еден систем и процес кој веќе го работиме речиси девет години. Се подетални и поголеми се ефектите кои ги гледаме, од овие инвестиции.  Само овие неколку, како Капкон, Гентерм, итн., кои беа најавени во последниве две недели, тоа е околу две до три илјади нови работни места. Ефектите само од вакви инвестиции се продлабочуваат и се прошируваат исто така бидејќи не се сите концентрирани само во еден регион. Ние очекуваме не само да се зголеми бројот на странските инвестиции, туку и соработката меѓу нив и домашните фирми, како еден дополнителен индиректен ефект, за којшто исто така посветуваме големо внимание.

Велите придобивките од странските компании се големи, пред се тука мислите на отворањето на нови работни места. Има ли проценка колку вработувања се отворија во новите фабрики?

Ќе објаснам малку подетално, бидејќи често има дилеми околу тие бројки. Наједноставно да ги измериме ефектите е да гледаме колку овие странски фирми увезуваат и колку извезуваат. Разликата меѓу увозот и извозот е сета додадена вредност во Македонија. Кога годинава правевме некои анкети, не ги вклучивме сите фирми, некои на кој јас сум работел, некои на кои работеа колегите, тоа се околу 600 милиони евра во нето додадена вредност само во овие три години, тука не ја вклучуваме цела 2015 година. Тоа значи од тие 600 милиони евра, тука се вклучени плати на вработените, директен бизнис или работа со домашните фирми и нормално профит кај сите тие фирми. Само по основи на плати, во една од овие фирми има околу милион евра на месечно ниво нето исплата на плата. Една од тие поважни бројки, кои се повеќе ги следиме е колку вкупно од оваа додадена вредност влегува во домашните фирми. Од оваа бројка од 600 милиони евра додадена вредност имаме околу 100-120 милиони  евра, кои се директна трговија со домашните фирми. Се разбира од тие домашни фирми увезуваат нешто, но сепак тоа е огромна бројка, која полека гледаме оди кон 10 до 15 проценти ставка. Морам да напоменам дека правиме напори да ја зголемиме таа бројка, не само бројката на плати туку и бројката на учество на домашните фирми, затоа што на тој начин да ги прошириме тие ефекти. Имав неодамна дискусија во една од западно-европските земји кои привлекувале долго време иневстиции, од каде ми напоменаа дека за една од тие американски фирми требало 20 години да заменат 20 на 80 отсто од увозот кој го имале во таа земја. Ние сме сепак на вистинскиот пат, можеби изгледа дека за кратко време работите одат малку побрзо, но имаме доста пред нас да надоместиме.

Бројките покажуваат дека расте и извозот току благодарение на присуството на странските компании во слободните економски зони. Прoкециите се дека годинава ќе надмине 1,5 милијарда евра?

Да се разбира само од ТИРЗ тоа ќе биде околу 1,5, а доколку ги додадеме и компаниите кои се надвор од овие зони, а голем број како што ги видовме во овие најави, бројката може да достигне од 1,8 до речиси две милијарди евра.

Скопје не е повеќе центар на инвестициите. Со фабрики и нови инвеститори се полнат и помалите градови. Се раздвижи ли локалниот економски развој, со присуството на овие брендови?

Тоа беше една од почетните заложби, нормално пред околу 7 години искуството беше многу потешко да привлечеме инвеститор надвор од Скопје, пред се поради условите кои беа тука средени со технолошката зона, но со тек на време добивме искуство и гледаме дека всушност повеќето вработени, односно новоотворените работни места од овие странските фирми се надвор од овие технолошко-индустриски развојни зони и направија преродба во градови како Битола, Кавадрци, Велес, Штип, Кочани. Така да, гледаме дека овој ефект е се поширок и ќе инсистираме доколку има можност и услови, ако има странски инвеститор да биде во некои од тие помали места, надвор од големите центри.

Колку владините роуд-шоуа и рекламирањето во страснките медиуми донесоа нови инвестиции во земјава? Што е главен мотив за една странска компанија, што е пресудно за да инвестира во земјава?

Во одлуката за странските фирми има еден процес кој влијае и во тој процес има неколку чекори. Типичните реклами кои ги водиме од самиот почеток, како и роу-шоуата претставуваат на високо ниво покривање на информации за бизнисмените во целиот свет. Ретко да се каже дека тие биле исклучиво пресудни, но гледаме дека инвеститори кои носа одлука се во тек на тој процес некогаш преку рекламите и роу-шоуата ја финализираат таа одлука, а тоа им овозможува да дојдат до помош. Несомнено е дека досега најголем удел во самите одлуки имал процесот на директни контакти и директни кампањи со странските инвеститори, со менаџерите во странските фирми, каде се водела една тековна релација во просек од три до пет години, за да се осознае подлабоко и индустријата и фирмата. На тој начин се воспоставува едно високо ниво на професионализам, прво од наша страна како претставници на Македонија, а нормално притоа и елиминирање на било какви проблеми. Дури гледаме дека и во некои ситуации, консултанти за одбирање на локации имале пресудна улога. Знам дека компанијата „Гентерм“, тие најмија консултанти за локација, сами дојдоа во Македонија, некои од колегите како Павлески, Мизо и други беа приклучени и во тој момент помогнаа да се дозаврши таа одлука. Значи, има и такви случаи кога одлучувале дополнителни консултанти. На крај да напоменам како мала земја, ние се уште имаме огромна конкуренција и се уште имаме високо ниво на скепса. Како ние се подобруваме, така се подобруваат и околните земји, па ние мораме да бидеме подобри, поефикасни во пристапот, па и во решавање на проблемите, затоа што едно е да го донесете странските инвеститори, друго е секојдневните работи со кои се соочувате да бидат постојано решени. Тоа е исто дополнителен позитивен ефект на новите инвеститори кои ќе дојдат.

Велите потребни се некогаш кај странските компании три до пет години за тие да ја донесат финалната одлука за финасирање односно финансирање, колку е тешко да се преговара со менаџери на едни големи гиганти како што и ги имаме во земјава?

Во ниеден случај тоа не е лесно затоа што ние треба да ги убедиме во нешто што непостои , за разлика од некој продавач кој ќе ве убеди например да купите апарат за бела техника или автомобил кој директно го гледате,можете да му ги видите и перформансите и се, ние пак всушност ги убедуваме странските менаџери дека нешто што не постои, ново изградена фабрика со работници кои воопшто немаат никаква допирна точка со тие странски менаџери, а дека ќе бидат успешна приказна за нив и во тој процес има многу објективни фактори, податоци ,трошоци и конкурентни индикатори, меѓународни рејтинзи итн.,како и многу субјективни фактори, некогаш успеваме да ги дознаеме нивните субјективни фактори, некогаш пак не успеваме, така да колку и што е потребно професионализам, толку е потрeбно и малку среќа.

Извозот, новите вработувања, но и новите вештини се, може да кажеме, главните придобивки од странските компании. Колку овие гиганти носат и нови знаења и вештини кои ги пренесуваат во Македонија?

Тука е една од тие теми која мислам дека дополнително ќе се разгледува на релација меѓу странските фирми , пазарот на труд и образовните институции, вишите технички школи и средните техинички школи и факултетите. Сите овие фирми независно дали е трудоинтензивно или повеќе автоматизирано производство, воведуваат нови знаења пред се од аспект на квалитет. Квалитетот е еден од тие најзначајни вештини кој недостасуваше долго време во Македонија како вештина, и се повеќе и пошироко се воведува. Всушност тие се и најбараните кадри во моментов. Некои од овие фирми веќе ја воочија таа дупка во образованието и иницираа директни контакти со факултети со цел да се пренесе материјал од германски универзитети со цел, оние дипломци кои излегуваат да имаат повисоко знаење и квалитет. Тоа подразбира менаџирање на квалитет, процес, статистика како да се обезбеди да има што помалку грешки или дефекти итн. во самиот производен процес. Но она друго што се бара како вештини и знаење е всушност подигање на знаењето на струки кои постоеле во Македонија, кои се тек на време, на две децении после транзиција се некако заборавени. Вештини во управување и работа со машинска опрема, ЦНЦ машини, програмиање на ЦНЦ машини, изработка на алати за пластика, металообработка, заварување итн. Тие се сите вештини кои многу се бараат од странски фирми, но бараат и многу повисоко искуство и знаење. Видовме всушност како Ван Хул еден цел дел, главен дел од шасијата на автобусот предаде на домашна фирма бидејќи виде дека со тек на време тоа може да се развива. Всушност претставуваше еден од тие индиректни ефекти на нова домашна инвестиција како резултат на странска инвестиција. Гледаме сега и со Макарт се поставуваат истите барања за технчари кои доста добро раководат со алати за пластични делови и имаат се поголема потреба од вакви кадри и следен чекор ќе биде како да се продлабочи таа соработка со средните школи и со универзитетите.

Со кои компании во моментов се преговара, и може ли да се очекуваат до крајот на годината и нови инвестиции?

Колку што сум информиран има потенцијал за објавување на неколку одлуки до крајот на годината, но тоа не е сигурно секогаш со тие работи, посебно во овој предновогодишен период е малку критичен. Минатата година имавме слична ситуација, можно е и сега да имаме неколку најави пред крајот на годината. Јас моментално работам на проекти од електронска и од автомобилска индустрија. Од електронската индустрија всушност проект кој бара доста квалификувана работна рака, околу 1.000 нови вработувања, но типот на производство е слично со некои од другите фирми како Макарт и слично, на повисоко ниво и испораката е во западноевропските земји. Исто така имавме можност да отвориме нови дискусии за типови на инвестиции кои носат повисока додадена вредност како софтверски фирми кои развиваат голем дел од продуктот тука во Македонија за разлика од оној класичен аутсорсинг. Мислам дека тоа ќе даде нов здив во ИТ сферата во Македонија каде не се работи само за западни идеи туку всушност се развиваат нови идеи тука.