Незири: Наградите за најдобрите претприемачи – дополнителен мотив за подобри економски резултати

Незири: Наградите за најдобрите претприемачи – дополнителен мотив за подобри економски резултати
Незири: Наградите за најдобрите претприемачи – дополнителен мотив за подобри економски резултати

Мерките за вработување, континуираното подобрување на бизнис климата, реформите кои постојано ги спроведуваме како Влада и како Министерство за економија, претставуваат реална поддршка за компаниите и економијата во целост, за што говорат и резултатите од меѓународните рангирања. Признанијата што денеска ќе се доделат на најуспешните претприемачи за оваа 2015 година, во категориите на микро и мали претпријатија, претставуваат дополнителен мотив за поттикнување на нивната иницијативност, креативност и способност да планираат и менаџираат активности и проекти за да ги остварат своите бизнис цели“, истакна министерот за економија Беким Незири на традиционалната манифестација „Претприемач на годината – 2015“, во организација на Министерството за економија, Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.

претприемачи1

И оваа година беа доделени 4 награди, по две во двете категории, врз основа на однапред утврдени критериуми за успешност, и една специјална награда, која ја додели Министерството за екномија – плакета за „Најдобра жена претприемач за 2015 година“.  Првата награда „Претприемач на годината 2015“ во категоријата мали претпријатија ја доби „Ламинати Ком“ од Прилеп, а второнаградена во истата категорија е „Дени Милк“ од Кочани.

Во категоријата микро претпријатија, првата награда отиде во рацете на Ељмедин Адеми од „Скрин медиа“ од Тетово, додека „Кала Плакат“ од Скопје се закити со втората награда во оваа категорија. Најуспешните  добија статуетка и вредносен ваучер, а наградите ги доделија  Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, Тетјана Лазаревска, извршен директор на Македонската развојна фондација на претпријатијата, Касам Зендели, претседател на собранието на Стопанската комора на Северозападна Македонија и проф. д-р Радмил Поленаковиќ од Националниот центар за развој на иновациите и претприемачко учење.

Министерството за економија, пак, препознавајќи го значењето на женското претприемништвото, и воопшто, улогата на жената во сите сфери на општественото живеење, оваа година се определи да додели специјална награда – плакета за „Најдобра жена претприемач за 2015 година“. Министерот Незири ја врачи оваа плакета на Анета Мустафоска од „Исиглас“ од Скопје, компанија за градежно-занаетчискии изведбени услуги, за изработка на стаклени фасади, сите видови термопани и услуги за обработка и обликување на секаков вид на стакло.

Ова е деветта години по ред, преку промоција на најуспешните претприемачи во Македонија, континуирано да се подига свеста за значењето на претприемништвото во нашата земја. Посебно важни за генерирање на економски раст и креирање на нови работни места, малите и средните претпријатија имаат посебно место и во  ЕУ – стратегијата за раст „Европа 2020“, а како посебна иницијатива се издвојува поддршката на МСП и претприемништвото, како одговор на глобализацијата и економската криза.