
Меѓународната организација за миграција денеска соопшти дека бројот на бегалци кои во текот на 2015 година влегле во Европа по копнен или морски пат надмина еден милион.
Бројот на бегалци пристигнати оваа година на европскиот континент порасна во однос на минаната година, пренесува Би-Би-Си.
Цифрата од еден милион е премината од вчера, соопшти ИОМ и наведе дека преку море и копно во Европа пристигнале 1.005.504 бегалци.
Овој податок се однесува на влезот на бегалците преку Грција, Бугарија, Италија, Шпанија, Малта и Кипар.
Поголемиот број на бегалци пристигнале по морски пат од Турција во Грција, преку 800.000.
Меѓу бегалците најмногу се Сиријци – 455.000, Ирачани и Авганистанци.
ИОМ соопшти дека на патот кон Европа се удавиле, или се водат како исчезнати вкупно 3.695 бегалци, пренесува Танјуг.